Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Виенапо неговото обраќање пред Постојниот совет, одржа прес-конференција на која  уште еднаш ги афирмираше клучните заложби за приоритетите  врз кои ќе се фокусира претседателството на Македонија во 2023 година. Претседавачот Османи во своето обраќање пред новинарите истакна дека најголем предизвик во имплементацијата на амбициозната агенда на нашето претседателство  претставуваат комплексните околности, кои  едновремено  се и мотивација за  засилување на нашите напори и  ангажмани како земја претседавач.

 

„Најголемиот предизвик во имплементацијата на нашата агенда ќе биде  во контекст на тешките околности, но единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување. Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и  ангажман“, истакна Османи.

 

Претседавачот со ОБСЕ посочи дека Украина и понатаму ќе биде главен приоритет, но исто така, високо на агендата ќе бидат задржани и другите долготрајни конфликти во регионот на ОБСЕ, кои се извор на тензии и човечки страдања. Османи рече дека ОБСЕ останува релевантен како и секогаш бидејќи има механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето од сите земји учеснички.

 

„Како секогаш, ОБСЕ останува релевантна бидејќи располага со единствени алатки и механизми за поддршка, кои им се достапни за сите земји-учеснички. Во минатото многу пати сме биле сведоци на нејзиниот потенцијал. Сега е многу важно Организацијата да го достигне својот целосен потенцијал. ОБСЕ во минатото докажа дека може да ги намали тензиите, да ја зајакне довербата и да обезбеди предвидливост. Ова е од витално значење во денешно време. Мора да дејствуваме овде и сега. За доброто на луѓето“, рече Османи.

 

Во натамошното излагање, министерот Османи ги образложи клучните цели и мотиви на годинешното претседавање, посочувајќи дека луѓето и нивната благосостојба мора да бидат и да останат во фокус на работењето на Организацијата. Понатаму истакна дека луѓето се првите кои ги чувствуваат маките на денешните геополитички превирања, а најмногу страдаат оние кои се директно изложени на војна и конфликт. Останатите, пак, вели Османи, ја чувствуваат несигурноста и неизвесноста. Тој посочи дека на обичните луѓе им е доста од политиката на моќ и бараат  враќање на мирот.

 

„На обичните луѓе им е доста од политиката на моќ. Тие се чувствуваат уморни од секојдневната неизвесност и размислуваат што ќе донесе утрешнината. Тие треба да се ослободат од стравот од војна и да им се врати мирот. Нашиот фокус овде во Хофбург мора да биде на луѓето. Тие треба да бидат во центарот на нашето внимание и размислувања. Сакам јасно да порачам, ние работиме за нив. Затоа, мотото и движечката сила на Претседателството гласи: „За луѓето се работи“. Постои, би рекол, органска врска помеѓу ова кредо и целокупната мисија на ОБСЕ. ОБСЕ е формирана поради оваа причина, неговата главна цел е да го спречи човечкото страдање“, рече Османи.

 

Претседавачот Османи,  во понатамошното обраќање рече дека Организацијата мора да продолжи активно да работи на решавање и спречување на конфликти, враќање на довербата, борба против корупцијата, обезбедување добро владеење, унапредување на човековите права, како и да биде активна на сите полиња во кои делува и има докажани резултати. Османи истакна дека во фокусот ќе бидат теренските мисии и операции на ОБСЕ кои носат конкретни придобивки за луѓето.

 

„Ќе работиме напорно за да ја промовираме и поддржиме работата на теренските операции на ОБСЕ, како и да ги интегрираме нивните многубројни успешни приказни – приказни за вистинската, конкретна корист што секојдневно им се носи на луѓето. Треба да ги преточиме зборовите во дела, да покажеме политичка волја и да бидеме одговорни за нашите постапки. Луѓето од целиот регион на ОБСЕ очекуваат и заслужуваат одговорни политики“, рече претседавачот Османи.

 

Османи, на крајот од своето обраќање потсети дека ОБСЕ нуди платформа за дијалог, кој е неопходно  да биде заснован врз интегритет. За да се случи тоа, рече тој,  треба повторно да се посветиме на нашите вредности како организација.

 

Актуелниот претседавач со ОБСЕ, Османи на крајот изрази благодарност на Полска која минатата година претседаваше со Организацијата, на генералната  секретарка Хелга Шмид, за нејзиното храбро раководство во време на криза, а особено ја истакна благодарноста и кон сите жени и мажи во различните единици на Секретаријатот, теренските операции и автономните институции чија работа ја дефинираше како драгоцена и незаменлива.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.