Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Топ Тема на телевизија Телма се осврна на концептот кој го промовираше во Брисел „Повеќе интеграција пред членство“. Со овој концепт кој го најави и Претседалката на ЕК Урсула фон дер Лајен, земјите од Западен Балкан кои ќе ги започнат преговорите ќе имаат низа на придобивки, пристап до фондови и голем дел од привилегиите кои ги носи целосната интеграција уште за време на преговорите.
„Државите кандидати би ги имале сите привилегии пред формалното членство, а не пред самото зачленување пред ЕУ. Во Братислава на Глобсек јас го промовирав концептот повеќе интегрирање пред самото членство односно можноста за станување дел од политиките на ЕУ, пристап до фондовите, структурните и кохезивните фондови на ЕУ и влегување во единствениот пазар пред формалното влегување бидејќи формалното зачленување бара одредени процедури, затворање на поглавја. Значи ние промовираме еден таков концепт во којшто како што реков граѓаните, државата, институциите ќе ја почувствуваат ЕУ пред самото членство“ – истакна министерот Османи.
Тој истакна дека овој пристап, покрај тоа што ќе обезбеди брзи придобивки кои ќе ги почувствуваат граѓаните, ќе значи и подигање на кредибилитетот на Европската унија и заштита од негативни влијанија на трети страни кои имаат за цел да го минираат процесот на интеграција на Западен Балкан.
“Бидејќи не знаеме точно кога ќе биде членството не можеме да оставиме еден вакум простор бидејќи фрустрациите на граѓаните ќе се зголемат, а од ЕУ нема понуда од конкретни придобивки што ќе ги чувствуваат граѓаните во својот џеб. Така таа фрустрација после ја злоупотребуваат трети страни создавајќи антиевропско, антизападно расположение коешто за жал го гледаме во Македонија. Ние го нудиме овој модел на повеќе интегрирање пред членство за да го задржиме кредибилитетот на процесот додека трае за граѓаните да ја почувствуваат ЕУ додека преговараме со ЕУ. Тоа што претседателката Фон дер Лајен токму тоа го кажа верувам дека тоа е одговор на ова наше лобирање коешто почна од Скопје се разбира во консултација со земјите од регионот веќе дава резултати“ – заклучи министерот Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.