Министерот за надворешни работи и Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи вечерва во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ оствари средба со Лорд Камерон, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство.
На средбата, Османи го информираше Камерон за Претседавањето на Македонија со ОБСЕ и предизвиците со кои Организацијата се соочува, за чие решавање клучен ќе биде Министерскиот совет кој од утре и официјално започнува во Скопје.
Покрај тоа, во фокус на разговорот беа и билатералните односи помеѓу Македонија и Обединетото Кралство кои се поставени на највисоко ниво во изминатите три децении.
„Нашиот партнер, Обединетото Кралство, низ годините одигра клучна улога во растот на Македонија во независна европска демократија“, рече Османи на средбата.
Османи го информираше Камерон за активностите што Македонија ги презема во насока на зајакнување на функционирањето на демократските институции и владеењето на правото, области кои се клучни во остварувањето на крајната цел – полноправно членство во Европската Унија.
„Македонија продолжува да биде активен и конструктивен чинител на регионално ниво, давајќи суштински придонес за натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зајакнувањето на регионалната безбедност“, рече Османи на средбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.