Системскиот пристап во борбата против трговијата со луѓе и посветеноста да се стави крај на модерното ропство се главните обележја на ОБСЕ и оваа Организација е ориентирана кон акција и решенија што можеме заеднички да ги постигнеме.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи кој преку видео обраќање ја отвори 23-та Конференција на Алијансата за борба против трговијата со луѓе насловена „Национално лидерство за ставање крај на трговијата со луѓе“ којашто денеска и утре се одржува во Виена.
Османи нагласи дека темата на Конференцијата е навремена и сериозна, особено имајќи ја предвид руската агресија врз Украина и нуспроизводите од неа што се чувствуваат во целиот регион на ОБСЕ.
„Тежината на моментот, сериозноста на нашето време, повикува на одговорност, трпение и мудрост, три витални карактеристики на лидерство. Како Претседателство, ќе продолжиме да промовираме лидерство преку инклузивност и вклучување на сите актери од различни спектри на општеството. Збир на различни пристапи само ќе го зајакне нашиот механизам за одговор, ќе придонесе за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок“, рече Османи во своето обраќање.
За да го постигнеме тоа, покрај лидерство, потребна ни е и политичка волја, потенцираше Османи. Тој го повтори мотото на Претседателството на Македонија „За луѓето се работи“ и зошто заедничките акции мора во фокусот да ги имаат луѓето што се најпогодени од ова зло.
„Трговијата со луѓе е прашање на безбедноста на луѓето. Државите имаат должност да се грижат за жртвите и потенцијалните жртви на ова кривично дело. Не само во овие два дена, туку и во сите наши напори за борба против трговијата со луѓе, секогаш да ги имаме на ум луѓето. Мора да ги слушнеме нивните гласови и грижи, нивните надежи и стравови. Мора да ставиме човечки лик на сите наши документи, зборови и дела“, рече Османи.
Османи во своето обраќање се осврна и на мерките што Македонија ги има преземено, како усвојувањето на Националната стратегија и Акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025, како и Стратегија и Акционен план за борба против трговија со деца 2021-2025.
„Овие документи гарантираат дека сите наши национални институции се хармонизирани и постапуваат навремено во нивниот одговор и се вклопуваат во севкупната стратешка визија“, рече Османи.
Она за што ни е потребна поддршка е зајакнување на напорите за откривање, гонење и процесирање на луѓето што вршат трговија со луѓе, за што можеме да учиме од земјите-учеснички на ОБСЕ, додаде Османи.
ОБСЕ преку својот Специјален претставник и координатор за борба против трговијата со луѓе, Валиант Ричи и неговиот тим, дадоа извонреден придонес во борбата против трговијата со луѓе и успеаја да го подигнат профилот на работата на ОБСЕ на високо ниво, рече Османи.
Конференцијата се организира на 20-годишнината од донесувањето на Акцискиот план на ОБСЕ. Дискусијата има за цел да ги истакне позитивните примери на лидерство против трговијата со луѓе во регионот на ОБСЕ, вклучително и преку опремување на државите со потребните структури и закони за ефикасна борба против овој вид на криминална активност.
Препораките од Конференцијата, пак, ќе бидат потврда за посветеноста за искоренување на трговијата со луѓе и патоказ за спроведување на Акцискиот план на ОБСЕ во следните 20 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.