Потребно е зголемување на платите на политичарите бидејќи се ниски, а тоа е важно прашање и во борбата против корупцијата и за привлекување поквалитетни кадри во политиката, но тие треба да бидат последните на листата на граѓани кои што треба да имаат зголемување на платите, смета шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Секој политичар кој што ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака, бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Се разбира дека секој би сакал да има поголема можност, но од етички аспект мислам дека политичарите треба да бидат последните на листата на граѓани кои што треба да имаат зголемување на платите. Да, треба, затоа што се скандалозно мали, меѓутоа, треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат тогаш на политичарите. Тоа од етички, од практичен аспект е демагогија, секој што ќе каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани, изјави Османи на новинарско прашање по засадувањето дрвца во Паркот на франкофонијата.

Тој појасни дека не е запознаен со деталите на одлуката на Уставниот суд која беше соопштена вчера.

Очекува за оваа одлука да стане збор на седница на Влада при што ќе го предочи ваквиот него став дека приоритет треба да имаат граѓаните, оние со примања блиски до минимална односно до просечна плата.

-Фокусот треба да биде на тоа, не само затоа што тоа е добро за увото на граѓаните, туку поради морален, етички аспект на функционирање на државата, политичарите треба да бидат тие што даваат пример. И затоа е многу важно прво да се адресираат прашањата на социјално загрозените категории… Иако и прашањето на платите на политичарите е важно и во борбата против корупцијата и во борбата за привлекување поквалитетни кадри во политиката. Инаку, со ова ниво на плати нема секој граѓанин кој што е квалитет и може да нуди на политката ќе одлучи да се бави со политиката. Но во овие оклности граѓаните имаат предност, нагласи Османи.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на истото прашање изјави дека целосно се согласува со министерот Османи и дека на барање од службите веќе им дал насоки за овој месец платата да биде пресметана како и за претходниот.

-Ќе ја разгледаме одлуката на Судот. Јас лично како градоначалник континуирано донираме за социјално загрозени семејства, така што доколку има покачување, поголем дел од покачувањето ќе го дадеме за социјално загрозените семејста во општината, рече Герасимовски.

Со одлуката на Уставниот суд се укинаа член 4 и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со кои во изминатите години се одредувал фиксен износ како основа за определување на платите на функционерите, а останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика. Основицата досега се утврдуваше со одлука на Собранието, и според неа се пресметуваа платите со коефициенти. Таа последен пат изнесуваше 26.755 денари нето, а просечната плата за минатата година, која сега треба да биде основица за пресметка на платите на функционерите изнесува речиси 32 илјади денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.