Во очекување сме да видиме како ќе ги продолжиме разговорите со Бугарија. Времето е кратко, очите на 18 милиони луѓе од Западен Балкан се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Ова не е веќе прашање дали Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива.
Ова го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман одговарајќи на новинарско прашање што доколку не се подигне ветото поради политичката ситуација во Бугарија и на колкав рок може оваа ситуација да го одложи кревањето на ветото и за старт на преговорите со ЕУ.
Тој дводневните целодневни разговори со бугарската делегација предводена од министерката Теодора Генчовска минатиот викенд ги оцени како едни од подобрите и како охрабрување за продолжување на тие разговори, но, вели, се случи тоа што се случи со Владата во Софија и сега сме во очекување да видиме што понатаму, како ќе ги продолжиме тие разговори. Појасни дека неговата изјава за целоноќните разговори всушност се однесувала на неговите разговори помеѓу саботата и неделата со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски во коишто до утринските часови ги брифирал за разговорите во саботата и за тоа како да се продолжи понатаму во неделата.
– Се разбира времето е кратко. Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја којашто 2018 ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова не е веќе прашање дали Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Уште сум оптимист дека во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога, ќе преземе стратешко лидерство и ќе испрати порака кон граѓаните на Западен Балкан дека тие се тука во срцето на Европа, и дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ, нагласи Османи.
Запрашан за оптимизмот дека и во овие десетина дена може нешто да се направи, тој подвлече дека доколку се има политичка волја има доволно основа од досегашните разговори утре да се завршат тие разговори да се постигне договор.
– Доколку се има политичка волја има доволно основа од досегашните разговори утре да се завршат тие разговори да се постигне договор, доколку се има политичка волја. Ние имаме политичка волја, спремни сме да продолжиме еве веднаш после оваа прес-конференција со разговорите. Чекаме друга страна да имаме за да продолжиме со тие разговори. Така што, ние не одбројуваме денови, ЕУ одбројува денови каква порака ќе прати на 18 милиони граѓани на Западен Балкан,бидејќи реков ова веќе не е прашање на Македонија, ова е прашање на однос помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Дали тие односи ќе бидат киднапирани, дали тие односи ќе бидат ревитализирани, тоа е одлука што треба да ја донесе ЕУ. Ние од нас не се очекува никој да донесе одлука како ЕУ ќе се однесува кон Западен Балкан, но сметам дека има доволно денови, има доволно основа доколку се има политичка волја, изјави министерот Бујар Османи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.