Сајбер безбедноста не претставува само грижа за техничките системи и нивна заштита од напади, туку и грижа за луѓето како потенцијални цели на сајбер напади, но истовремено и клучна алка во системот на сајбер безбедноста.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на годишната Конференција на ОБСЕ за сајбер/ИТК безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“ што се одржува во Скопје.
„Информатичката технологија и нејзината употреба не нè прави помалку луѓе. Ова е причината зошто целосното почитување на човековите права мора да биде услов без кој не се може дури и во оваа сфера, во која доминираат машините и нивната моќ“, рече Османи во своето обраќање
Сајбер безбедноста е составен дел на сеопфатниот концепт за безбедност на ОБСЕ и токму поради овие причини, нашето Претседателство ја стави безбедноста на сајбер/ИКТ системи многу високо на агендата, истакна Османи.
„Во текот на 2023 година нашите дискусии на оваа тема имаат мултисекторски пристап, вклучувајќи ги не само земјите-учеснички на ОБСЕ и партнерите, туку и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество. Во таа насока, работата на ОБСЕ на сајбер/ИКТ безбедноста треба да се стави во поширок меѓународен контекст, вклучително и во работата на ОН за сајбер безбедност. Како регионална организација на ОН, ОБСЕ, игра витална улога во промовирањето на дијалогот, соработката, довербата и градењето капацитети за справување со сајбер/ИКТ безбедносните предизвици“, рече Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.