Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на претседавањето со Организацијата во 2023 назначи двајца нови специјални претставници на претседавачот: за невладини организации, Андреа Стојковски и за млади, Мемет Жаку.
Османи, водејќи сметка за важноста на невладиниот сектор, како и иднината и позицијата на младите во земјата и во ОБСЕ регионот, во листата на свои специјални претставници ги додаде и овие две позиции, покрај претходно назначените вообичаени специјални претставници на претседавачот на ОБСЕ, кои ќе му помагаат во неговата работа со цел да се обезбеди подобра координација на напорите на земјите-учеснички за промоција на улогата на овие области.
Стојковски и Жаку, во рамките на нивните мандати и во тесна координација со Претседавачот Османи, а на линија на приоритетните цели наведени во програмата на Претседавањето на Македонија, ќе дадат поддршка за реализирање на активностите кои нам ни се битни, како и ќе допринесат за зајакнување на позицијата на невладиниот сектор и на младите во сите аспекти на ОБСЕ, преку промоција на политичката димензија на нивните портфолија и соодветно застапување на интересните групи, организирање на низа форуми, конференции и други слични настани.
„Задоволство ми е да ги претставам Стојковски и Жаку, како мои специјални претставници во рамки на претседавањето со ОБСЕ, за кои уверен сум дека достоинствено ќе се носат со позицијата. Перспективите и придонесите на граѓанското општество и на младите се значајни во работата на сите три димензии “, рече Османи.
Претседавачот Османи, досега ги има назначено и следните лични (ЛП) и специјални претставници (СП): Амб. Хенрик Виладсен, СП на ОБСЕ/Проектен координатор во Украина
Амб. Андреј Каспжик, ЛП за конфликтот кој се адресира во рамки на Минската конференција на OБСЕ; Амб. Томас Мајер-Хартинг, СП за процесот на разрешување на разликите поврзани со Транснистрија; Амб. Виорел Мошану, СП за Јужен Кафказ;, Лилиана Палиховичи, СП за родова еднаквост; Анита Рамасастри, СП за борба против корупција, Валиjант Ричи, СП за борба против трговија со луѓе, Исмаил Хаки Муса, ЛП за борба против нетолеранција и дискриминација спрема Муслиманите; Регина Полак, ЛП за борба против расизам, ксенофобија и дискриминација, исто така со фокус врз нетолеранција и дискриминација спрема Христијаните и припадниците на другите религии; Рабин Ендру Бејкер, ЛП за борба против анти-семитизам; Полковник Горан Василевски, Раководител на Групата на високо ниво на ОБСЕ за планирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.