Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари средба со специјалниот пратеник на Романија за Западен Балкан, амбасадорот Адриан Давидоју, кој престојува во работна посета на нашата држава. 

 

Османи ја поздрави одлуката за назначување на специјален претставник за Западен Балкан, како израз на интересот на Романија за севкупните процеси во регионот, вклучително и во Македонија.

 

Во фокусот на разговорите беа започнатите пристапни преговори за членство на нашата земја во  Европската унија, реформскиот процес и конзистентната политичка и техничка поддршка на Романија во тој контекст. Беше направен осврт и врз планираните уставни промени, со кои дополнително ќе се зајакнат демократските капацитети на нашата држава и општество. 

               

Соговорниците разменија мислења за предизвиците на претседавањето со ОБСЕ и беа презентирани досега преземените активности на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година. Се разговараше и за претседавањето со САД-Јадранската повелба, како и подготовките за претседавањето со Процесот за соработка во Југо-источна Европа, кое започнува во јули.

           

Во однос на последната средба на делегациите на Косово и Србија, беше нагласено дека изнаоѓањето решение за отворените прашања е од суштинско значење за целиот регион, а одлуката разговорите да се реализираат во Охрид, претставува важно признание за Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.