Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес учествуваше на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија, кој за првпат се одржа во Скопје.
Во своето излагање, Османи нагласи дека земјата е целосно посветена на започнатиот преговарачки процес кој веќе три децении е наша стратешка реалност и имплементација на европската агенда, со акцент на постигнувањето консензус меѓу политичките партии за клучните области од реформите. Од нас самите зависи дали ќе се реализира нашата цел – полноправно членство во ЕУ до 2030.
Министерот Османи истакна дека нашата држава останува и натаму конструктивен актер на регионален план, давајќи суштински придонес за натамошно продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и јакнење на регионалната безбедност.
“Препознаени сме како земја од регионот која негува култура на дијалог и мирно разрешување на споровите и состанокот чии домаќини ќе бидеме утре во Охрид е признание за тоа” рече Османи.
Министерот го предочи активното учество во сите регионални иницијативи, при што Берлинскиот процес е основен двигател на нашата регионална соработка, а Отворен Балкан е наша автохтона регионална иницијатива, комплементарна со Берлинскиот процес.
Истовремено, Османи посочи дека оваа година ни е доверено претседавањето со ОБСЕ – најголемата регионална безбедносна организација, како и со САД – Јадранската Повелба (А5) и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што претставува огромна одговорност за нас во овој даден геополитички момент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.