Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, оствари работна средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

 

Во фокус на разговорите беше соработката меѓу ОБСЕ, со која актуелно претседаваме, и ЕУ, вклучително и потребата од поблиска координација во дадениот чувствителен геополитички контекст. Министерот Османи го брифираше евроамбасадорот за неодамнешната посета на Киев и средбите со украинскиот државен врв. Во таа смисла, најави посета на Брисел кон крајот на месецот, каде во својство на претседавач со ОБСЕ, ќе се сретне со челниците на институциите на ЕУ, при што централна тема на разговор ќе биде Украина.

 

Соговорниците разменија мислења и околу европското досие на Македонија, односно реформската агенда под лупа на отпочнатите преговори за членство во Европската Унија. Во тој контекст, амбасадорот Гир ги предочи позитивните сигнали од Европската комисија за нивото на подготвеност на нашата администрација и одличниот старт на скрининг процесот. Воедно укажа на важноста од усвојување на најавените уставни измени, за што е потребна искрена политичка волја и проевропски курс од сите политички фактори во државата.

 

Министерот Османи се осврна на актуелниот моментум кој не смее да се пропушти во однос на евроинтегративниот процес, како гаранција за долгорочна стабилност, економски развој и консолидација на правната држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.