Заштитата на правата на сите заедници е од фундаментално значење за стабилноста во Косово и поширокиот регион, истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, по денешната официјална средба со премиерот Албин Курти во Приштина.

 

Османи за време на средбата со косовскиот премиер ја потенцираше поддршката од страна на ОБСЕ во насока на креирањето и спроведување на реформите во Косово.

 

„ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува судските и изборните реформи на Косово, вклучително и измените на изборниот законик, а Косово треба целосно да ја искористи експертизата и ресурсите на Мисијата на ОБСЕ за да го унапреди спроведувањето на реформите, но и да ги зајакне меѓуетничките односи и безбедноста“, нагласи Османи.

 

Тема на разговор на денешната средба беше и заштитата на културното и верското наследство кое е клучно за почитување на правата на заедниците, како и поддршката на ОБСЕ за дијалогот предводен од ЕУ.

 

„Дијалогот предводен од ЕУ има вистински потенцијал да придонесе за безбедноста и стабилноста во регионот, но мора да се потпираме и на регионалните соработки кои се клучна алка во таа насока. Заштитата на правата на сите заедници е од фундаментално значење за стабилноста во Косово и поширокиот регион“, потенцираше Османи.

 

Во фокусот на разговорите беа и младите, за кои Османи рече дека ќе бидат клучни во спроведувањето и одржувањето на регионалните приоритети на Претседателството на Македонија со ОБСЕ, а кои се однесуваат на помирување и градење доверба, антикорупција и климатски промени.

 

На средбата беа поздравени и одличните билатерални односи кои ги негуваат Македонија и Косово, како и значајните резултати кои Мисијата на ОБСЕ во Косово ги остварува во насока на долгорочна поддршка за земјата за решавање на сите горливите прашања.

 

Претседавачот Османи заедно со Премиерот Курти, ја посетија и Академијата за јавна безбедност каде се сретнаа со полициските кадети од не мнозинските заедници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.