Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со Хавиер Коломина, заменик помошникот генерален Секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и специјален претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија.

Во фокус на средбата беа безбедносните состојби во Западен Балкан, при што заедничко беше констатирана потребата од синхронизирано делување на НАТО и ЕУ на нашите простори, со цел забрзување на процесите на евро-атлантска интеграција. Според соговорниците, ваквиот чекор е клучен за зајакнување на регионалната стабилност, а воедно ќе го спречи делувањето на трети земји во нашиот регион. Во овој контекст, Османи ја потврди силната посветеност на Македонија кон политиката на НАТО на отворени врати.

“Ја истакнав и улогата на Македонија како актуелен претседавач со САД – Јадранската Повелба или позната како А5, во насока на поттикнување на евро-атлантските интеграции на земјите од регионот и зачувување на регионалната безбедност. Ние како претседавачи во тесна координација со земјите членки ја поставивме основата за креирање нов Стратешки концепт на А5, чија главна цел е зајакнување на соработката на земјите од Повелбата кои се членки на НАТО, како и овозможување поголем ангажман и доближување до вредностите на Алијансата на земјите од А5 кои не се НАТО членки” рече Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.