Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, денеска оствари средба со министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Олта Џачка која престојува во официјална посета на нашата земја.
На средба беше констатирана одличната динамика во билатералната соработка и беа реафирмирани заемните заложби за нејзино збогатување со нови содржини и проекти, во интерес на двете соседни земји и граѓани. Акцент беше ставен врз евроинтегративните реформски процеси што се одвиваат со несмалено темпо и во двете држави.
Оваа година одбележуваме 30 години од воспоставувањето дипломатски односи – три децении на суштинска блискост, пријателство и успеси. Ова цврсто партнерство и пријателство беше многу јасно демонстрирано и во периодот пред почетокот на пристапните преговори за членство во Европската унија, кога многумина ја прогнозираа опцијата Албанија сама да продолжи на тој пат. Искрено го цениме однесувањето и пред се трпението на официјална Тирана која и јавно демонстрираше разбирање за нашата позиција во тој период”, рече Османи.
Двете земји заеднички и успешно минуваат низ скрининг процесот, преку спроведување на внатрешните реформи, кон полноправно членство во Европската Унија до 2030 година, како реална и дофатлива можност, додаде тој.
Посебен осврт беше направен врз регионалната соработка и неодамна постигнатиот договор меѓу Косово и Србија. Притоа беше нагласена цврстата поддршка на Македонија и Албанија за целосна и неселективна имплементација на одредбите од договорот и анексот од Охрид.
Во пресрет на утрешниот Министерски состанок во рамките на САД – Јадранската повелба (А5), министрите високо ја оценија соработката во рамките на НАТО, каде што секојдневно се демонстрира нашето партнерство и сојузништво и реафирмираа политиката на отворени врати со нови земји-членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.