Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) е загрижена дека денешниот чекор на Република Македонија кон членство во Европската Унија е погубен и води кон катастрофални отстапки без никакви гаранции за успех. Имено, македонската влада мора да направи уставни промени за почеток на преговори кои може да траат бесконечно. И кога можеби еден ден Република Македонија ќе ги исполни сите критериуми за членство во Европската Унија, со оваа аматерска дипломатија и се овозможува на Бугарија да ја уценува Македонија и да налага низа промени во историјата, државноста и идентитетот. Бесплатен совет до оваа власт, кога се преговара, обврзувачките акти треба да стапат во сила на крајот од процесот а не на почетокот.
Каков е тој реципроцитет, европски вредности и договор за пријателство кога Република Бугарија може да се меша во внатрешните работи на Република Македонија, да налага уставни промени и да диктира малцински права, а Република Македонија мора да молчи и да ги игнорира правата на македонското малцинство во Бугарија кои се де факто и де јуре прекршени? – изјави еден од основачите на ОМД, Александар Митрески.
Особено загрижувачки е тенденциозното занемарување на транспарентност што владата го примени во фарсата наречена јавна дебата во парламентот. Намерно се криеше фамозниот протокол кој ја претвора Република Македонија потчинета во овој процес каде ќе има ревизии на нашата историја и учебници. Владата го лаже македонскиот народ за тежината на овој протокол каде мораат да се покажат напредоци во промена на нашата историја доколку Македонија сака да биде членка во Европската Унија.
Од правна точка, најважно во целиот овој процес е дека владата на Република Македонија или некој друг субјект нема ингеренции од македонскиот парламент да води било какви преговори со Бугарија бидејќи овој протокол не беше дискутиран во парламентот ниту пак беше вклучен во заклучоците за кои македонскиот парламент гласаше. Што значи дека протоколот нема никаква правна основа.
Денеска нема простор за славење бидејќи македонската влада и СДСМ за да остане на власт, беше приморана да прифати погубни барања од Бугарија, наложени од албанските партии во Македонија со цел да се овозможи стартот на ЕУ преговорите на Албанија. На Бујар Османи не му смета да ја распродава македонската историја и идентитет доколку албанските интереси се задоволени. Со ваков пристап не се гради соживот, туку напротив поголем меѓуетнички раздор. Целта да се влезе во Европската Унија по секоја цена не е успех туку огромен пораз за оваа влада.
Историјата се повторува и ќе остане запаметено дека повторно СДСМ ја предаде Македонија и македонската кауза по редот други круцијални предавнички постапки (промена на име, знаме, итн). Еден ден ќе нема што да остане да се распродава од Македонија, а таа е се што имавме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.