Со положување цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОБ на градските гробишта во Бутел, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во име на Владата оддадоа почит на 7.144 македонски Евреи кои на овој ден пред 80 години беа депортирани во логорот Треблинка.

Како што соопштија од Владата, почит оддале и претставници од Собранието, од Кабинетот на претседателот на државата, Армијата, дипломатскиот кор, Еврејската заедница, Сојузот на борци, парламентарните политички партии, делегација на Кнесетот на Израел, Фондот на Холокаустот, Светскиот еврејски конгрес, од БНЕИ БРИД Бугарија, како и од Сојузот на еврејски општини на Србија, Еврејската заедница на Босна и Херцеговина…..

Пред споменикот на депортираните Евреи се обратила потпретседателката на Еврејската заедница во Македонија, Радојка Хелман Денковска која порачала да се чува сеќавањето на Холокаустот.

-Ние потомците, а и сите луѓе во светот треба да бидеме чувари на сеќавањето. Имаме морална обврска да се сеќаваме на страдањата на жртвите на Холокаустот, имаме обврска да ја сочуваме вистината и да не дозволиме оваа трагедија никогаш и никому да се повтори, порачала Денковска.

Цвеќе на споменикот на депортираните Евреи положиле и Цега Мелаху, пратеничка во Кнесетот на државата Израел и нејзиниот колега Хамад Амар член на Кнесетот.

Вистинска чест ми е да положам венец во име на Кнесетот, Парламентот на државата Израел, во спомен на 7144 членови на Македонската еврејска заедница – деца, жени, мажи, цели семејства- кои беа убиени во Холокаустот од страна на нацистичкиот режим. Тука сум за да го негувам споменот на жртвите, да ја изразам мојата поддршка и солидарност со Еврејската заедница и да го изразам моето вистинско пријателство со народот на Република Македонија, истакнала Мелаху.

Посочила дека споменот на македонската еврејска заедница се негува и во Ерусалим каде пред неколку месеци, во еден од најпопуларните булевари во градот свечено е откриен споменик со имињата на еврејските семејства кои живееле во Македонија пред Холокаустот.

По обраќањата, според еврејските обичаи, рабинот Лучијано Прелевиќ одржал молитва (КАДИШ).

Дел од делегациите положиле цвеќе и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.

Настаните зпо повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка се реализираат под покровителство на Владата на Република Македонија, во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Музејот Холокаустот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.