Пред Споменикот на бранителите во паркот „Жена борец” во Скопје денеска беа одбележани 22 години од оружените борби со кои македонските безбедносни сили утрото на 25 март 2001 го ослободија тетовското Кале  запоседнато од ОНА (УЧК).

Чествувањето го организираше партијата Достоинство. Венци и цвеќе пред Споменикот положија претставници од Кабинет на Претседателот на Македонија и од Владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и делегации на политички партии.

Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, изјави  дека тоа била „чиста и неспорна воена победа на македонските безбедносни сили“ во која, како што рече, иако борбите биле жестоки, немаше ни еден загинат бранител.

-Македонската армија и полиција под единствена команда на генералот Панде Петровски рано утрото на 25 март 2001 година почна силен координиран напад врз позициите на ОНА во Тетовскиот Регион, вклучително и на тетовското Кале. Во нападот беа употребени борбени хеликоптери, различни видови артилериски средства, како и армиската и полициската специјална единица „Волци“ и „Тигри“, плус единици составени од професионални војници, како и припадници на резервниот армиски и полициски состав. Во текот на ноќта 25/26 март 2001 година, Калето беше исчистено од припадниците на УЧК и целосно ослободено. Истиот и следните денови исчистени од УЧК беа и повеќето шарпланински села, истакна Ангелов.

Делегација на Владата на Владата на Република Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, денеска, пред „Споменикот на бранителите“ во паркот „Жена борец“ во Скопје, оддадоа почит и положија цвеќе во чест на бранителите, кои учествуваа во вооружените борби на тетовското Кале, во воениот конфликт од 2001 година.

На одбележувањето на 22 годишнината од настаните кај тетовско Кале, пред „Споменикот на бранителите“ во паркот „Жена борец“ во Скопје присуствуваа, оддадоа почит и положија цвеќе повеќе високи делегации, меѓу кои делегација од кабинетот на претседателот на Република Македонија, припадници на Армијата и полицијата, претставници на бранителите, нивните пријатели и членови на семејствата.

Генералниот секретар при Кабинетот на претседателот на Република Македонија Миле Бошњаковски, денеска, 26 март 2023 година, оддаде почит и положи свежо цвеќе пред Споменикот на Бранителите во паркот „Жена борец“ во Скопје, во чест на бранителите, кои учествуваа во вооружените борби на тетовското Кале, во воениот конфликт од 2001 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.