Повеќе од 800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година за да им помагаат на учениците со посебни образовни потреби полесно да ја совладуваат наставната материја и училишните обврски. Образовната асистенција и натаму е обврска на државата, односно не е финансиски товар на семејствата на учениците.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со директорките на двете скопски основни училишта со ресурсни центри „Златан Сремец“ и „Иднина“ – Марија Делетиќ и Лорета Андреевска, на која се дискутираше за подготвителните активности кои во моментов се спроведуваат и ќе следуваат за успешен старт на новата учебна година за сите ученици со попреченост.
-Образовната асистенција започна со ангажирање на 500 стручни лица во основното образование пред две години. Изминатава учебна година имавме 720, а од следната бројот ќе биде уште поголем. Целосно ќе го обезбедиме буџетот за нивно ангажирање и родителите, односно старателите на учениците со попреченост нема да имаат никакви финансиски издатоци по овој основ, рече Шаќири.
Како што информира Министерството за образование и наука, Шаќири посочи дека во процес на изработка е нов Закон за средно образование во кој се предвидува ангажирање образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку Програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер.
Улогата на образовните асистенти е различна од ученик до ученик и зависи од процената по МКФ (Меѓународна класификација на функционирање), дадените препораки, индивидуалниот образовен план за работа со ученикот со посебни потреби, од паралелката и училиштето.
Работните задачи на образовниот асистент се уредени со Правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, а обуките за нив ги организираат основните училишта со ресурсни центри, каде воедно тие и се вработуваат.
МОН во соопштението наведува дека во основните општински училишта во земјава се вклучени околу 2000 ученици со посебни образовни потреби, додека во средните се инклудирани 300 ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.