Советот на јавни обвинители го именува Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.

На денешната 70-та седница, Советот донесе и решение за мирување на функцијата на Абази како јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, од каде доаѓа на функцијата шеф на ОЈО ГОКК.

Љубомир Јолевски, со уште неколку члена на Советот на ЈО, Иџет Мемети, Арбер Исаку и Коле Штерјев, ја посочија досегашната работа на Абази како шеф на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во чиј мандат во правата година биле преполовени, а потоа и целосно расчистени сите застарени предмети, што, како што посочија, е добар показател за неговите менаџерски и стручни капацитети.

На изборите за шеф на ОЈО ГОКК на 7 ноември, Абази освои најмногу гласови – 66, втор од четворицата пријавени кандидати по бројот на добиени гласови (64) беше Ермон Незири, Вилма Русковска освои 14, а Деса Пауновска десет гласа. Од вкупно 163 јавни обвинители петмина не гласале, а четири гласачки ливчиња биле неважечки.

Ова беше прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Абази, на прес-конференција еден ден по изборите, рече дека работата во ова Јавно обвинителство ја гледа како предизвик и смета дека ќе го претставува ОЈО ГОКК со своето досегашно искуство и професионално и законито работење. Како свој приоритет, Абази најави пополнување на празните обвинителски места и на слободните места во истражниот центар и  воведување дигитализација во Јавното обвинителство.

За освоените 66 гласа од колегите јавни обвинители, Абази рече дека се голема одговорност и мотив, колку што може подобро и професионално да раководи со ова, како што рече, најважно јавно обвинителство кое во својата надлежност ја има борбата против организираниот криминал и корупција.

По именувањето на Абази, претседателот на Советот на ЈО, Антонио Јолевски ја прекина 70-та седница, за како што посочи, да имаат доволно време за разгледување на досиејата на кандидатите за чиј избор треба да одлучуваат. На дневен ред на седумдесеттата седница се изборот на виш јавен обвинител во вишите јавни обвинителства во Скопје и во Гостивар, како и одлука за избор на по еден основен јавен обвинител во ОЈО Битола, ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кавадарци и ОЈО Куманово.

На дневен ред на 70-тата седница, исто така, е и носењето одлука за објавување на оглас за избор на четири јавни обвинители во ОЈО ГОКК, откако на 27 октомври Советот не избра ниту еден од шесттемина пријавени кандидати на претходниот оглас



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.