ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери денеска ги информирале министрите од Вајмарската група дека остануваат на ставот дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството не се прифатливи.
Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет, било посочено на средбата на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски и претставници на коалициските партнери со државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција Лоранс Бун, министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман, како и министерот за Европска Унија на Република Полска Шимон Шинковски вел Сенк.
Било нагласено дека опозицијата воопшто не беше вклучена во преговорите кои резултираа со ултиматуми и барања кои отстапуваат од европските вредности и принципи.
Оттука, за да се заштити процесот на пристапување од билатерализација, односите мора да се базираат на Копенхагеншките критериуми со взаемна почит, поддршка и соработка, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата била дискутирана актуелната општествено-политичка состојба, особено во врска со пристапувањето на Македонија кон Европската унија во овие предизвикувачки времиња.
Од страна на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата беше истакнат недвојбениот став дека се залагаме за членство на Македонија во Европската Унија со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности, се потенцира во соопштението.
Министрите, како што се наведува, биле информирани „и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот на високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катастрофалните политики во секој сектор во државата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.