Работната група на политичките партии за францускиот предлог не се договориле за нова средба, по вчерашната на која ниту еден од партиските претставници не отстапи од своите ставови.

Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претставник од ВМРО-ДПМНЕ за МИА потврди дека нема договор за нова средба и наведе дека за нив смисла за нова средба би имало кога Владата, односно државата би упатила аргументирани забелешки за францускиот предлог.

Доколку ДУИ и СДСМ прифатат да упатиме сите заедно како Влада, Собрание и држава аргументирани забелешки за корекции на францускиот предлог, тогаш следна средба би имала смисла, изјави Милошоски за МИА.

Информации од СДСМ и ДУИ во врска со продолжување на работата на работните групи засега нема.

Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.

По вчерашната прва средба координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.

Пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти веќе познатите ставови на опозициската партија.

Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.

Лидерот на ДС Павле Трајанов, пак се заложи за усвојување на заклучоци по предлогот со широка поддршка во Собранието.

Заклучоците треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот, рече Трајанов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.