Во последно време на Бугарија почнува се повеќе да и пречи и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија.
За релативно кратко време, во дел од медиумите во Софија, па и во Скопје се појавија текстови со кои во основа се доведува во прашање автентичноста на експонатите, посебно на железничкиот вагон, со што практично под знак прашалник се поставува и постоењето на самиот Центар, но и депортацијата на македонските Евреи и посебно улогата на бугарската окупациска власт во тој тргичен настан од Втората светска војна, пишува во својата анализа новинарот на „Пресинг ТВ“ Предраг Димитровски.
Впрочем, тоа го потврдуваат и самите наслови на текстовите. На пример, трибуна.мк првиот текст на авторката, извесна Силвија Авдала, новинарка од Израел, го насловува само како „Вагонот“ (25.02.2023г.), додека фактор.бг малку го проширува и му дава историска димензија „Вагонот-водилка во историјата на Македонија“ (28.02.2023г.). Вториот текст на истата авторка, пак, исто така е насловен само со еден збор „Филмот“ (06.03.2023г.).
Во двата текста најмал проблем е што се греши називот на институцијата и се именува како Музеј на холокаустот. Вистинскиот проблем е што авторката прави какви ти не „вратоломии“ за да се обиде да покаже и докаже дека транспортот и депортацијата на македонските Евреи нема ништо заедничко со бугарските окупациски власти, институциите и Бугарските железници.
Но, што авторката прави проблемтично, а со тоа и медиумите? Проблемот е во тоа што, прво, на вагонот во поставката во долниот дел на неговата осовина стои и знакот на Југословенските железници и второ, дека вагонот не е веродостоен, односно оригинален, со кој се вршела депортацијата!
Да, точно. На посоченото место навистина постои знакот на ЈЖ. Но, тоа ниту е, ниту може да го намали или целосно обезвредни значењето ниту на Меморијалниот центар, ниту самиот чин на депортација, а најмалку улогата на бугарските окупациски власти или на Бугарските железници-анализира Димитровски.
Впрочем, во ниту еден проспект, во ниту едно објаснување на експонатите, па и на вагонот, во ниту еден документ на Центарот ниту стоело, ниту се тврдело дека токму со него се вршел транспортот на македонските Евреи до логорот на смртта Треблинка. Кратенката ЈЖ била иста и за време на Кралството Југославија и за време на СФРЈ.
Вагонот најверојатно бил неколкукратно поправан и репариран, а на Центарот му бил предаден од Македонски железници. А, неговата основна цел е да се прикаже со какви (сточни) вагони биле депортирани македонските Евреи за што постојат стотици други веродостојни фотографии. За жал, во текстот се прават манипулации со одалеченост и со километри, но не се остава простор Бугарските државни железници за време на војната да не извршиле и конфискација на вагони, што им припаѓале на ЈЖ-посочува Димитровски.
Постоечките документи, пак, неминовно потврдуваат дека Бугарските државни железници својата „услуга“ ја наплаќала по превоз од депортирано лице од германските наци-фашистички власти.
А, покрај документите тоа го тврдат и истакнати лица од Бугарија, како на пример долгогодишната претседателка на Бугарската еврејска заедница, професорка, писателка и угледен општественик Леа Коен. Таа, на пример, во текст насловен како „Се удавија во лаги за мојот татко, за мене и за Евреите“, објавен во e-vestnik.bg од 31 март 2020 година, меѓу другото ќе напише:
-Но, пак, од друга страна, нејзиниот идол Богдан Филов платил по 100 рајхмарки „еврејски“ пари за „чистењето“ на секој Евреин од окупираните Македонија и Северна Грција, а другиот нејзин миленик, легионарот Дјанко Марков од говорницата на парламентот во 2002 година изјави дека тоа биле законски преземени мерки против „непријателско население“!
Случајно или не, сето ова се случува во пресрет на 10 март и годинешното одбележување на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Република Макдонија и Спасувањето или Спасението на бугарските Евреи во Република Бугарија.
Претстојниот настан во целост ја отсликува поделеноста на бугарското општество околу исторскиот наратив за судбината на Евреите од Бугарија и од „старите предели“ како што ги именуваат Македонија, Тракија и делот околу Пирот, односно источна Србија. Од една страна, во држвата циркулира Отворено писмо од иницијативна група за достојно одбележување на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи, а од друга, Повик за признавање на одговорноста на бугарската држава за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на Втората светска војна. И зад двете писанија стојат граѓански здруженија, граѓани поединци, адвокати, историчари…но со дијаметрално спротивставени становишта и гледања на работите.
Да биде иронијата поголема, потписниците на Отвореното писмо ги повикуваат претставниците на бугарските власти да присуствуваат на чествувањето пред спомен-плочите на спасителите, поставени во знак на нивно сеќавање до црквата „Света Софија“, кои се верна копија на плочите поставени во Бугарската гора крај Ерусалим од филантропски добротвори и од бугарски Евреи од сите краишта на светот како признание за нивното спасување во текот на 1943 година кон Бугарија и бугарскиот народ.
Е, сега, од репликата или верната копија на спомен-плочата во Софија не се прави никаква драма, а за вагонот во Меморијалниот центар во Скопје се фрлаат дрвја и камења!!!
Според потписниците на Отвореното писмо, отсуството на актуелни бугарски политичари од чествувањто „создава непријатно чувство дека присуството на имињата на цар Борис III и на царица Јоана на тие плочи предизвикува загриженост кај бугарските власти, слично на таа, што ја манифестираат властите во Република Македонија од именувањето на бугарскиот клуб во Охрид со името на цар Борис III. Ако бугарските власти со своето однесување во нашата сопствена држава се неспособни да покажат дека не робуваат на лажните историски мантри, наметнати од БКП и КПЈ за „монархофашизам“ кај нас и за „бугарска фашистичка окупација“ на Беломорска Тракија и Македонија, тогаш тие немаат морално право да реагираат против антибугарската кампања, што се води во Република Македонија токму врз основа на тие лажни историски клишеа“.
За оваа група граѓани, пак, Соломон Бали, претседател на најстарата еврејска организација во Бугарија, „Б,неи Б,рит“, во гостување на тв-емисија на 1 март меѓу другото ќе каже:
-Но, кога некаква група луѓе, која јас, за жал, одново ќе го искористам изразот нацисти, а меѓу нив има и отворено такви, се обидува на нашето општество да му подметнува лаги, отворени лаги, зашто ако тие имаа еден единствен документ кој ќе ја докаже желбата на Борис III или на луѓето околу него да го заштитат Еврејството, тие ќе го покажеа за овие 80 години. Јас сум убеден дека ако Борис III го доживеал крајот на Втората светска војна, тој ќе бил суден како воен злосторник не само заради испраќањето на тие 11.434 души во смрт, меѓу кои треба да потенцираме дека имало и 4.000 деца, туку и за воените злосторства извршени од военит окупациски корпуси извршени во Македонија и Грција. Во Грција, на пример, на спомен-плочите за тие извршени злосторства стои бугарски фашистички окупатор, но за тоа никој не реагира.
Во Повикот за признавање на одговорноста на бугарската држава за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на Втората светска војна основно барање е „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност, извинувајќи се за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на Втората светска војна, нешто што го сториле не само Германија, туку и држави како Франција или Романија, кои минале низ слично противречно минато“. И „тој морален гест на ниту еден начин не би фрлил колективна вина врз целото воено поколение, а уште помалку врз наредните. Напротив, тој би бил знак за зрелост и цивилизираност, кои рално придонеле за спасувањето на многу човечки животи“.
Посебно внимание во повикот привлекуваат наведените историски факти дека „подготвената депортација на сите Евреи под бугарска власт е обврска од усвоеното во Ванзе (јануари 1942г.) „конечно решение“, но оти „бугарската држава замислата ја реализира доброволно, вредно и исчекувачки, а не под германски диктат“ и дека „таа јавно ја објавува својата намера на 29 август 1942г. во Државниот весник, пред воопшто да бидат започнати разговорите со Рајхот околу ова прашање“.
Според потписниците на Повикот, спасувањето на бугарските Евреи ни најмалку не била официјална политика на тогашните актуелни власти на чело со Цар Борис III, туку на поединци и додаваат дека „официјалните позиции во однос на судбината на Евреите под бугарска власт во текот на Втората светска војна систематски страдаат од историски банкрот и морален дефицит“.
-Нелегитимно присвојување на личен морален капитал од страна на целата нација. Преживувањето на Евреите во „стара Бугарија“ не е резултат на општонародно движење, туку на ефикасна и навремена ракција (8-10 март 1943г.) на мал број личности. Доблеста на овие луѓе се припишува како исконски квалитет на „народот“. Успешната акција се остварува меѓу спонтани пројави на емпатија кон прогонуваната еврејска заедница. Но, и меѓу пасивност, рамнодушност, бирократска репресивна настроеност, економски заинтересиран или идеолошки инспириран антисемитизам, велат меѓу другото потписниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.