Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа тематска прес-конференција, осврнувајќи се на дефинираните цели по кои ќе делува Министерството за европски прашања за време на неговиот мандат. Тој се осврна на неколку важни прашања, како што се искористувањето на средствата од ЕУ преку ИПА фондовите, „односно предизвиците со кои се соочуваме, ризиците на кои сме изложени и мерките што ги преземаме за да ја подобриме нашата способност за користење на овие клучни финансиски ресурси.“ – истакна Муртезани.
Муртезани нагласи дека стапката на апсорпција на европските фондови е недоволна, со само 34% од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22% од средствата исплатени. Ова одразува поширок проблем со неефикасноста, кој резултираше во губење на значајни средства.
Во изминатите две години покрај бавното спроведување на ИПА, Македонија се соочи со неискористени ИПА средства на кои им истече рокот за користење и истите се вратени во буџетот на Европската Унија. Така на крајот на 2022 и на 2023 година, беа изгубени 24 милиони евра, односно околу 55 милиони евра соодветно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 година постои опасност за губење на дополнителни 43 милиони евра од ИПА II.“ – подвлече Министерот.
Муртезани ги презентираше и стратешките мерки за справување со овие предизвици, меѓу кои се јакнењето на ИПА капацитетот преку нови вработувања и Политиката за задржување на кадарот во ИПА структурата: „Високата флуктуација на обучени ИПА професионалци, често привлечени од приватниот сектор, создава загриженост. Нашата цел е да создадеме јасна рамка за развој на кариерата и задржување на персоналот во ИПА структурата“ – нагласи Муртезани и додаде:
„Ефикасноста и ефективноста на нашето користење на европските фондови не се само административни прашања, туку се од суштинско значење за нашиот национален развој и патот кон членство во ЕУ. Должни сме да се соочиме со овие предизвици директно и да ги исполниме нашите обврски кон граѓаните.“
Министерот најави и посета на инситутициите кои работат на проекти финансирани од ИПА, како би се воспоставила тесна соработка при идентификувањето и надминувањето на предизвиците во светло на европските фондови за капитални проекти од витално значење за граѓаните.
Чест ми е што денеска имам можност и официјално за прв пат да ви се обратам од оваа говорница, во својство на Министер за европски прашања и Национален ИПА координатор. Со преземањето на мојот мандат ги дефинирав целите по кои ќе делувам во наредниот период, меѓу останатото подобрување на искористувањето на европските фондови. Оттука, целта на денешната тематска прес-конференција е да се осврнам на прашања од исклучителна важност, а тоа се: искористувањето на средствата од ЕУ преку ИПА фондовите, односно предизвиците со кои се соочуваме, ризиците на кои сме изложени и мерките што ги преземаме за да ја подобриме нашата способност за користење на овие клучни финансиски ресурси.
Во финансиската перспектива 2014-2020 година, која во моментов се спроведува, вкупно користи 640 милиони евра. Половина од овие средства, се спроведуваат преку директен начин на управување каде Делегацијата на ЕУ ги подготвува, распишува и спроведува тендерските постапки и ги склучува договорите со избраните изведувачи во име и за сметка на институциите на Република Македонија. Останатата половина, земјата ги доби на располагање за да ги спроведува на индиректен начин на управување. Се работи за 258,5 милиони евра од ИПА фондовите, кои со национално кофинансирање достигнуваат 302,4 милиони евра.
До крајот на 2023 година, Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) при Министерството за финансии потпиша вкупно 58 договори во вкупна вредност од 109,1 милиони евра, од кои 88,7 милиони евра се европски пари. Се работи за инвестиции во секторите транспорт, животна средина и клима, вработување и образование но и проекти во областа на правда и внатрешни работи. За илустрација во рамките на овие проекти се големите инфраструктурни проекти како патната делница Дреново-Градско, железничката делница Крива Паланка-граница со Бугарија, пречистителните станици за отпадни води во Тетово и Битола, канализационата мрежа во Кичево и многу други проекти. Сепак, стапката на апсорпција е недоволна, со само 34% од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22% од средствата исплатени. Ова одразува поширок проблем со неефикасноста, кој резултираше во губење на значајни средства.
Имено, во изминатите две години покрај бавното спроведување на ИПА, Македонија се соочи со неискористени ИПА средства на кои им истече рокот за користење и истите се вратени во буџетот на Европската Унија. Така на крајот на 2022 и на 2023 година, беа изгубени 24 милиони евра, односно околу 55 милиони евра соодветно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 година постои опасност за губење на дополнителни 43 милиони евра од ИПА II.
Слабата брзина во искористувањето на ИПА средствата може да се припише на неколку клучни фактори. Прво, постои значителен недостаток на доволен број, но и квалификуван персонал во националната ИПА структура. Ова е дополнително комплицирано од задоцнувањата во постапките за набавка и недостатокот на зрели инфраструктурни проекти.
За да се справиме со овие предизвици, ги преземаме следниве стратешки мерки:
1. Јакнење на ИПА капацитетот преку нови вработувања: Ургентна е потребата од комплетирање на ИПА структурата преку приоритизирање на вработувањата во соодветните национални институции.
2. Политика за задржување на кадарот во ИПА структурата: Високата флуктуација на обучени ИПА професионалци, често привлечени од приватниот сектор, создава загриженост. Нашата цел е да создадеме јасна рамка за развој на кариерата и задржување на персоналот во ИПА структурата.
Нашата посветеност на подобрување на апсорпцијата на ИПА средствата е од исклучително значење особено сега кога Европската Унија ја зголемува финансиската поддршка за земјата преку Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, вклучително и Реформската агенда.
Денес на седница на Владата ќе презентирам сеопфатен извештај за искористеноста на ИПА средствата. Овој извештај ќе го демонстрира нашиот оперативен план за подобрување на капацитетите на институциите и осигурување дека целосно ги користиме можностите што ги нудат европските фондови. Ќе ѝ предложам на Владата да се разгледаат плановите за вработување во ИПА структурата, кои оваа структура ги изработува согласно европските правила и добри практики и ќе предложиме приоритизација на вработувањата во линиските министерства како што се Министерството за финансии, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, но и јавните претпријатија кои ќе ги спроведуваат инфраструктурните проекти.
Дополнително, ќе побараме компаративни искуства од одредени земји членки на ЕУ и земји-кандидати за членство во ЕУ од регионот, за да научиме од нивниот успех во управувањето и имплементирањето на средствата од ЕУ, односно да ги имплементираме најдобрите практики при овој сложен процес.
Како заклучок, финансиската анализа за искористеноста на ИПА фондовите по години е крајно поразителна. Додека користиме средства од заеми, ни стојат неискоритени десетици милиони евра за капитални инвестиции од ЕУ фондовите. Крајно време е од декларативни заложби за интеграција во ЕУ да преминеме на конкретни дела. Ефикасноста и ефективноста на нашето користење на европските фондови не се само административни прашања, туку се од суштинско значење за нашиот национален развој и патот кон членство во ЕУ. Должни сме да се соочиме со овие предизвици директно и да ги исполниме нашите обврски кон граѓаните.
Воедно планирам и посета на инситутициите кои работат на проекти финансирани од ИПА, како би можеле заемно да воспоставиме тесна соработка при идентификувањето и надминувањето на предизвиците во светло на европските фондови за капитални проекти од витално значење за нашите граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.