Министерот за европски прашања Орхан Муртезани имаше средба со претставници на Статистичкиот завод на Европската Унија – Евростат Жан-Пјер Понселе и Клаудија Јункер.

Kако што информира Министерството за европски прашања, во фокусот на разговорите, беше важноста на официјалната статистика во процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, како и нејзиното користење за креирање на развојни и економски политики засновани на докази. Се разговарало и за поддршката на Државниот завод за статистика за да одговори на потребите на евроинтегративниот процес.

Министерот Муртезани ја истакнал клучната улога на статистиката, не само во рамките на Поглавјето 18 од правото на ЕУ, туку и низ неколку други политички области. Тој нагласил дека статистиката е од витално значење за следење на економското управување, реформата на јавната администрација и институционалното усогласување со стандардите на ЕУ.

На состанокот беше потенцирано дека Македонија има направено значителен напредок во усогласувањето на својот статистички систем со стандардите на ЕУ, што е потврдено во различни извештаи на Европската комисија. Соговорниците ја подвлекоа потребата од понатамошни подобрувања, особено во однос на проширување на обемот и квалитетот на податоците за макроекономската и социјалната статистика. Двете страни ја потврдија својата посветеност за продолжување на соработката, во контекст на напредокот на Македонија кон целосна интеграција во Унијата, се наведува во соопштението од Министерството за европски прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.