Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната средба со постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан ја истакна подготвеноста на Владата и Министерството за унапредување на агендата за европска интеграција и спроведување на реформите клучни за постигнување на целите за одржлив развој (SDGs).

Како што соопштија од Министерството, на средбата беше реафирмирана посветеноста за унапредување на соработката меѓу Македонија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во остварувањето на аспирациите на земјата за просперитетна иднина усогласена со европските стандарди.

-Министерот Муртезани ја нагласи успешната соработка со УНДП и ОН агенциите низ годините, како наш партнер во постигнувањето на инклузивен и одржлив развој и реформските цели, произлезни од националните приоритети. Муртезани додаде дека соработката со УНДП е одличен пример за инклузивна донаторска соработка која ги вклучува сите релевантни заинтересирани страни како националната и локалната власт, донаторите, приватниот сектор, медиумите, како во процесот на планирање, така и во процесот на реализација, потенцираат од Министерството.

На средбата Армен Григорјан го потенцирал напредокот на нашата држава во различни сектори и ја нагласил континуираната поддршка на УНДП за развојните приоритети на земјата. Тој ја подвлече важноста на иницијативите за соработка во справувањето со предизвиците како што се климатските промени, зајакнувањето на социјалната инклузивност и економската конвергенција кои се приоритети на УНДП за земјата.

-Дискусиите на состанокот беа фокусирани и на тековните проекти поддржани од УНДП, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети и промовирање на инклузивен раст во земјата. Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошно проширување на соработката, искористувајќи ја експертизата и ресурсите за максимално влијание и бенефит за сите граѓани. Тој заклучи дека УНДП е тим кој е присутен на терен за да помогне и дека е партнер на Македонија во спроведувањето на ИПА и на Реформската агенда, се вели во соопштението на Министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.