Министерството за труд и социјална политика како дел од кампањата „Гласна и храбра“, посветувајќи го месец март на менталното здравје и благосостојбата на жената како предуслов за родова еднаквост организира дводневна Регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ“, – Гласно и храбро ги поместуваме границите. На Регионалната конференција учествуваат околу 40 панелисти од земјата и регионот, како Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Словенија, Косово, Србија, учествуваат министри, амбасадори, пратеници, претставници на бизнис заедницата, на граѓанскиот и меѓународниот сектор, академици и други гости.
Конференцијата ја отвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која во своето поздравно обраќање даде осврт на реализираните активности во рамки на кампањата „Гласна и храбра“, која се реализираше во текот не месец март.
„Поаѓајќи од тоа дека за правата и заштитата на правата на девојките и жените не треба да се зборува само еден ден во годината- 8 март, заедно со мојот тим и вработените во секторот еднакви можности во Министерството, одлучивме дека цел месец март ќе го посветиме на подигање на свеста за предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во нашето општество преку гласно и јавно зборување. Преку кампањата на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“ а со поддршка на Канцеларијата на UN Women во земјава, реализиравме бројни панел дискусии и работилници, разговаравме со различни целни групи, посетивме многу населени места. Нашата цел беше, непосредно низ разговор да ги слушнеме предизвиците на жените денес, да слушнеме кои се нивните потреби, приоритети и сугестии, а во насока истите да станат важен влог при креирањето на политиките, стратегиите, програмите и мерките за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани, “ истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Министерката се осврна и на досегашните законски решенија кои се во насока на спречување и заштита од насилство, дискриминација, како Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за обештетување на жртвите од насилство и Кривичниот законик се правната рамка која превенира, заштитува и санкционира било каков облик на насилство врз жените вклучително и говорот на омраза. Како и новиот Предлог закон за родова еднаквост, кој има за цел зајакнување на машинеријата за родова еднаквост и кој со воспоставување на Секретаријатот за родова еднаквост ќе обезбеди гаранција дека секоја владина политика ќе има родова перспектива.
Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот на Република Македонија истакна: „Кога зборуваме за Република Македонија треба да се спомене дека во текот на 2021 година, подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план за родова еднаквост 2022 – 2024 година. Но, покрај носење на законската регулатива, потребна е доследна имплементација, како и конкретен ангажман околу суштествената сензибилизација во сите сфери, од интимните до професионалните. Сите во својот домен, и лично и професионално мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост. Промените за родова еднаквост потекнуваат од сите нас, и можат да се решаваат само со синергија помеѓу личната одговорност и институционалните стратешки политики. Родовата еднаквост е обврска на секој граѓанин за создавање општество во кое секое девојче може да смета дека во иднина ќе ги има истите можности за образование, вработување и квалитет на живот како и секое момче. Колку повеќе ние вложуваме во родовата еднаквост, толку повеќе ќе им овозможиме на идните генерации да наследат општество во кое стереотипите и системските бариери ќе се намалуваат,“ истакна Ѓоргиевска.
Раководителка на канцеларијата UN Women во Северна Макендонија, Весна Ивановиќ Кастеред истакна дека сите луѓе имаат право на слобода, достоинство и еднакви права.
„Жените во Европа, во регионот и целиот свет треба да уживаат еднаквост, зајакнување и безбедност, но за премногу жени овие права се уште не се реалност и никаде не може да се најде целосна еднаквост. Па дури ни во европските земји. Зошто е тоа така?
Пред се сметам дека тоа се должи на длабоко вкоренетите родови стереотипи кои се провлекуваат низ времето и ги оптоваруваат следните генерации. Стереотипите раѓаат предрасуди кои водат кон дискриминација и даваат одраз на тоа како се третирани жените, свесно или несвесно,“ истакна Весна Кастеред.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.