Министерството за надворешни работи информира дека во согласност со Договорот од Преспа, кодот NМК се употребува исклучиво за регистарските таблички на возилата. За сите други намени, кодот за земјата е МК и МКD, согласно Меѓународната организација за стандардизација (ИСО) и како таков стои во документите издадени од државата, меѓудругото и во патни исправи, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи.

Во врска со наводите во одредени медиуми за враќање на наши граѓани од граничните премини со Грција, заради кодот МК на новите сообраќајни дозволи, Министерството стапи во контакт со грчката страна, и во Скопје и во Атина, укажувајќи за ова прашање. Добиено е уверување дека тоа не е и нема да биде проблем, велат од Министерството за надворешни работи.

Инаку, во Преспанскиот договор е децидно наведено дека „кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.