Група македонски православни младинци од Кичевско ја посетија Софиската митрополија. Ги предводеа монаси и монахињи, духовни чеда на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски Партениј, објави веб-страницата на Бугарската православна црква.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, младите учат црковно пеење во школата за црковно пеење во Кичево, под духовна грижа и водство на монахињите од манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“.
Во салонот на Софиската митрополија гостите ги пречека епископот Белоградчишки Поликарп, викар на митрополитот Софиски и бугарски патријарх Неофит. Владиката Поликарп ги поздрави гостите од негово и од името на патријархот Неофит. Тие од своја страна го поздравија епископот со духовна песна за Рождеството Христово.
Епископот Поликарп ги благослови младите и ги замоли да му пренесат поздрав и почит на нивниот духовен отец, епископот Партениј, како и на сите монаси од Бигорскиот манастир и женските метоси на манастирот.
Гостите беа почестени со слатко, а сите добија торба со подарок, благослов од неговата светост патријархот Неофит.
Младите од Кичевско пред да дојдат во Софија беа на поклонение во Рилскиот манастир, каде што учествуваа на неделната света Литургија и беа пречекани од игуменот и монасите на манастирот. Во Софија ги посетија митрополитскиот храм „Света недела“, древната христијанска црква „Св. Софија“, руската црква „Св. Никола“ изградена во 1914 година и патријаршискиот храм „Св. Александар Невски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.