Дипломираната докторка по општа медицина, Емилија Јакимовска, е една од многуте млади лекари кои се соочуваат со дискриминација од државата. Нивната идина е неизвесна, и како што вели, останува парадоксот – недостиг од медицински кадар, а сепак не им се овозможува работа или платена пракса.
Јакимовска побара поддршка на социјалните мрежи во име на сите млади дипломирани лекари.
Како група на млади лекари по општа медицина кои положивме стручен испит, чувствуваме потреба јавно да искажеме дека сме жртви на дискриминација во системот на државата. Имено, мал дел од колегите кои го положија стручниот испит за лиценца за работа во Лекарска Комора беа повикани на шест месечна платена пракса која е предвидена според закон за здравствена заштита. Останатиот дел не сме повикани на пракса поради за нас, непознати причини, пишува д-р Јакимовска.
Таа додава дека по шест години редовни студии на Медицинскиот факултет и уште шест месеци поминат стаж за полагање државен испит, тие се останати во агонија и загриженост за својата иднина.
Секојдневно го слушаме парадоксот на нашиот систем, каде е очигледен недостигот на млади доктори, а во исто време ние сме оставени во чекалната на институциите чекајки вработување или платена пракса која ни следува според закон. Единствениот одговор на кој се повикуваат институциите е да бараме работа кај матични лекари, но веќе активни огласи за вработување во град Скопје и останатите градови, скоро и да нема. Направени се напори и од страна на МЗ после склучената средба со министерот за здравство д-р Илир Демири, поднесено е барање до министерството за Финансии за решавање на проблемот по итна и неодложна постапка, како и барање од Комисија за имунизација поради недостиг на медицински кадар во вакциналните пунктови во епидемијата со Голема кашлица која станува се поактуелна, појаснува Јакимовска во својата објава на фејсбук.
На крајот вели:
Важно е да ја добиеме оваа борба, доколку се одолговлечи одлуката од Министерство за Финансии и ДКСК за одобрување на финансиите од кои ни зависи започнувањето на платената пракса, следствено на тоа неправедно го губиме и правото да се пријавиме на првиот циклус на конкурси за специјализација. Доколку не се изнајде решение за нашата ситуација, ќе бидеме дел од многуте неправди кои институциите ги прават врз здравствените работници, иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука, ќе бидеме приморани да ја напуштиме и да одиме некаде каде што ќе се цени нашиот труд и знаење.
Поддршката од нашите колеги, нашите професори, сите останати здравствени работници и граѓаните во овие моменти особено ќе ни значи за да успееме да се избориме за нашите права, да останеме во нашата држава и да дадеме придонес во развојот на македонското здравство, вели д-р Јакимовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.