Со предложеното решение за Законот за судии и обвинители јасно се гледа дека се оди кон држава која нема поврзаност со демократско општество која оди кон страв и опресија на граѓаните, изјави пратеничата на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во „Што не е јасно“ на Алфа, потенцирајќи дека власта дури и вакви закони сака да ги протне под европско знаменце иако немаат врска со демократија, туку со контрола.

Законот за судии и обвинители е со европско знаменце и вакви закони не може да бидат со европско знаменце, со скратена постапка и под притисок. Во ова законско решение се нуди мерит системот за судии и јавни обвинители да биде субјективен. Да има советодавно тело кое ќе даде поени и тоа 80% од одлуката, а во тој совет член се назначува директно од министерот за правда, рече Мизрахи.

Според неа за ова итно да се реагира и тоа да не значи само министерот да излезе и да рече дека ќе се повлече законот, мора да се знае кривец, кој ги изготвил тие решенија, кој посакува да живееме во држава од типот на Северна Кореја и истите да бидат повлечени од постапките.

Како вие преку вакви судии и јавни обвинители ќе обвините некој за коруптивни дела, кој што го назначил дотичниот да биде судија или обвинител? Никако. Ќе влеземе во еден круг од кој нема излез. Не залудно ни се посочува дека главниот проблем ни се корупција и криминал, истакна Мизрахи.

Таа нагласи дека да имате контрола на обвинителство и судство, тоа значи дека никој од власта никогаш нема да подлежи на прогон бидејќи е назначен од одредени структури.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.