Под наслов „Постојано нови барања за Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ, објави Дојче веле на македонски јазик.

„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне’ на вето, зашто Бугарија ја блокира Македонија. Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.

ФАЦ пишува дека земјата направила многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Cеверна Македонија. „Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство“, додава ФАЦ .

А со тоа пак ништо нема да се промени, го цитира ФАЦ лидерот на македонската опозиција и како што вели, можен иден премиер, Христијан Мицкоски во интервјуто за весникот, продолжувајќи:

„Неговата конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ, која со месеци има јасна предност во сите анкети, е спремна дури и на поддршка на бугарското барање, но под еден услов. Мицкоски предлага ‘условена уставна измена’, која би била донесена, но на сила би стапила на денот кога Македонија ќе пристапи кон Европската унија: ‘Немаме ништо против Бугарите да бидат споменати во Преамбулата на нашиот Устав. Но, кој ни гарантира дека тоа е последното барање од Бугарија?’, прашува Мицкоски, отсликувајќи го не само темелниот дефицит на доверба кој во меѓувреме владее во однос на Бугарија, туку и кон ЕУ во целина,“ пишува ФАЦ.

Целиот текст на Дојче веле на македонски јазик

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.