Премиерот Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел.
За време на престојот во седиштето на ЕУ, Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија и за реформиските агенди поврзани со него.
Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.
– Со формирањето на Владата го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, за потоа да пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручен со старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, рече Мицкоски.
Доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси, како и во минатото, кога беше во опозиција, така и сега како претседател на Владата.
– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, по повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија и повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да ги почнеме преговорите, не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.
– Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија, изјави Мицкоски, додавајќи дека се останато се приказни и замки на коишто ниту Владата, а ниту тој како човек, немаат намера да наседнуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.