Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите повтори дека е подготвен да разговара доколку има подобри решенија за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Рече дека нешто мора да се менува бидејќи довербата на граѓаните во судството е два проценти.

Убаво е секој месец да земате плата, а да имате два процента доверба кај граѓаните. Таа е најубавата позиција, комфорна. Заседнати со кожни фотелји, со црвени дебели килими и секој ден да доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само два процента доверба. Нормално е кога некој ќе сака инвазивно да делува, да направи реформа и да го реши тоа веднаш, од друга страна да имаме одбранбен механизам којшто вели – не, ние сме против тоа, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по објавата на новата германско-белгиска инвестиција.

Вели дека ќе продолжат да нудат решенија и дека треба да се направат сериозни структурни реформи. Тој лично, како што рече, би се засрамил да има доверба два процента.

Нормално е дека ќе се појавуваат и таков тип експерти и таков тип на луѓе коио се дел од тие кои имаат доверба два процента. Јас би се засрамил да имам два процента доверба и ќе ја напуштам работата што ја работам, ќе се занимавам со нешто сосема друго. А оние кои најголемиот дел од нив видовме како се поставени наместо да се засрамат и да речат дајте навистина нешто да направиме, продолжуваат да ги трошат народните пари и испраќаат пораки во јавноста, се закануваат, рече Мицкоски.

Претставниците на Европската унија и на САД неделава на настан организиран од Судскиот совет порачаа дека најавеното распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за „360 степени“ вели дека правниот нихилизам можеби е атрактивен, но не и најефикасен метод. Ја поздравува намерата на Владата да го стави правосудството како врвен приоритет, но вели дека има богатство на материјал кој покажува кои се начините за работите да тргнат напред посочувајќи на Извештајот на Оценската мисија на ЕК. Според него, нема дилеми дека се потребни суштински реформи во правосудството.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.