Упатувам апел за национално единство кое и треба на Македонија. Време е да се обединиме околу најважната работа, а тоа е како да опстоиме како држава и како да почнеме да победуваме така што ќе ги оствариме стратешките ионтереси важни за сите граѓани, рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната трибина на плоштадот во центарот на Прилеп што ја организираше партијата на тема „Современи политики за развој на земјоделството“, а во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“.

Тој истакна дека Македонците 32 години постојано губат и таквото поразително чувство преминува во фрустрација, а таа е последица на корумпираните политички елити.

-Го распродаваат народот и за 32 години сменија име, знаме, Устав, прифатија понижувачки договор со Бугарија, многу откажувања, се проблематизираат најсилните темели на државата: јазикот историјата, сите важни атрибути кои нѐ издвојуваат како народ. Сето тоа создава чувство на неправда кое преминува во фрустрација затоа што ништо како народ не добивме. Нема друга држава како Македонија која дала најголема жртва на патот кон ЕУ. Време е да се обединиме околу најважната работа, а тоа е како да опстоиме како држава и како да почнеме да победуваме така што ќе ги оствариме стратешките ионтереси важни за сите граѓани. Мораме да бидеме единствени со некорумпираниот дел од политичката сцена на Македонија.Тоа значи дека покажуваме свесност и одговорност за состојбите во кои се наоѓаме и одговорност спрема народот кој очекува лидерство од политичарите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, не постои, како што велат од владата или уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во Европската Унија. За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е измама кога Ковачевски вели интеграција, а мисли на уставни измени и прифаќање на бугарските диктати.

– Измама претставува тезата на Ковачевски – или интеграција под бугарски диктат или изолација. Ниту еден фактор во Македонија не посакува изолација во која, за жал, сме денеска, во која подлабоко нѐ втурна оваа власт. Она што е измама е фактот кога Ковачевски ќе каже интеграција, всушност мисли на уставни измени и прифаќање на бугарските диктати кои, оваа наша Македонија и народ ги отфрла како понижувачки. Ме разочарува сервилноста што ја покажуваат пред светот и тоа треба да ги порази како личности. Треба од светот да бараат да добиеме подобри услови и фер шанса. Како премиер, Ковачевски треба да побара од истата таа Унија Бугарија да примени барем неколку од над 10-тината правосилни пресуди од Судот за човекови права кои нотираат кршење на правата на Македонците во Бугарија. Не постои еверопски фронт за Македонија или проруска Македонија, туку постои само Македонија со иднина која сами ја градиме, со европска перспектива која сами мораме да ја оствариме. Не постои Македонија на ДУИ и СДСМ и Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, туку постои само една Македонија. Ова е Македонија за сите, која е нашиот дом. Затоа ни е потребен пакт за широко национално единство, рече Мицкоски.

Според него, голем проблем е што крупните одлуки беа носени без единство и целосна согласност од опозицијата и затоа процесите заглавувале, а повикувањето на единство не е амнестија од криминалот. Според Мицкоски, ДУИ треба да замине во опозиција.

-Власта покажа недостаток на капацитет за разговори со ВМРО-ДПМНЕ за суштинските прашања. Токму пакот за национално единство на кој повикувам треба да обезбеди легитимитет на процесот за одбрана на државните ионтереси. Но, единството на кое повикуваме не начин амнестија на криминалот кој го направивме. ДУИ мора да оди во опозиција, затоа нѝ е потребно национално единство. ДУИ со „помалиот“ коалиционен партнер СДСМ е главниот виновник за корупцијата во судството и обвинителството, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

На трибината во Прилеп, Цветан Трифуновски, претседателот на комисијата за земјоделство при ВМРО-ДПМНЕ посочи дека овие години земјоделците имаат огромни проблеми, а партијата до крај ќе го истерала скандалот на кој посочила за увоз на зеленчук од Албанија со пестициди и треба да  има оставки на министерот за земјоделство, како и на директорот на Агренцијата за храна и ветеринарство.

-Земјоделците се соочуваат со проблеми – доцнење на субвенциите, има пропусти во водоснабдувањето во целата земја, има злоупотреби во распределувањето на земјоделското земјиште, а најголемиот проблем се откупот и пласманот на земјоделските производи. ВМРО-ДПМНЕ има серозен план и визија за земјоделството што ќе значат рестартирање на македонското земјоделство. За безбедна храна ќе направиме зајакнување на фитосанитарниот систем, нов закон за тоа кој може да откупува земјоделски производи, со посебен акцент на исплатата на откупеното, изградба на нови откупни центри и секоја година да се донесуваат минималните производствени цени, ревизија на методфологијата за субвенционирање. Ќе има зголемени субвенции и олеснување на бирократските процедур, рече Трифуновски на трибината во Прилеп посветена на состојбите во земјоделството.

На трибината говореа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Љупчо Димовски, Петар Ристески, Здравко Трајанов и Кире Михаилов. Пред прилепчани говореше и градоначалникот Борче Ристески за проектите на локалната самоуправа за подобрување на животот на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.