Во посета на Бигорски манастир беше митрополитот г. Андреј Аркалохориски од Вселенската Патријаршија со својата придружба.
– Радоста од неискажливо љубовен акт на Бога кон човекот, која во Бигорски го исполнува целиот простор, материјален и духовен, во овие свети и светли празнични денови, беше надополнета и збогатена со посетата на почитуваниот Високопреосветен Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано, г. Андреј, заедно со неговата придружба од Архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј, кои допатуваа со благослов на Сесветиот Архиепископ Константинополски и Вселенски патријарх г. г. Вартоломеј, вели отец Кирил.
Според изворниот манастирски типик и предание, архиерејот беше пречекан со свечено иподохи а епископ Антаниски г. Партениј игумен на манастирот му посака топло добредојде.
– Ве поздравуваме со голема радост и љубов и сесрдно Ви благодариме што ни ги донесовте молитвите и благословот на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Иако Ве познаваме подолго време, преку Вашите дела и постигнувања, како и преку Вашите значајни истражувања и убави текстови за нашата најсвета црква Охридската Архиепископија, денеска ни е особено драго што Ве запознавме и лично. Знаеме за Вашата искрена љубов за решавањето на нашето црковно прашање, за што Ви изразуваме голема благодарност. Веруваме дека отсега нашето пријателство ќе биде уште поголемо и ќе продолжиме заедно да се молиме за конечниот исход на долгогодишниот проблем со нашата црква, со добивање на Томос за автокефалност од првопрестолната мајка црква, Вселенската патријаршија, согласно каноните и древното предание, како што, впрочем, добија и сите помесни цркви, со исклучок на древните патријаршии, посакал владиката Партениј.
Светиот митрополит на Аркалохориската епархија на Крит и воедно професор по црковна историја на Теолошкиот факултет на Аристотеловиот универзитет во Солун, г. Андреј (Нанакис), кој, меѓу другото, според отец Кирил, има направено сериозни истражувања за историјата на Охридската Архиепископија, отпоздравил со пригодно обраќање.
-Ја сметам за голем благослов Вашата покана овде во манастирот, како и заедничарењето во Христа со Вашата почитувана личност и со Вашето братство, но и со народот Божји кој се наоѓа тука во поклонение на оваа Свештена Обител. Духовната борба што ја водите е од највисок степен и го успокојува Утешителот и тајната на Троичниот Бог. Голем благослов е што овде во државата Македонија сега суштествува веќе канонската црква, Охридската Архиепископија. Нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, чиишто благопожелби, благослови и љубов ги пренесувам до драгиот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, до Вас лично, свет Игумене, до Вашето монашко братство и до присутните поклоници, сослужуваше заедно со Блаженејшиот Господин Стефан, кој е именуван како Архиепископ Охридски. Нашиот Вселенски Патријарх ѝ го понуди на Црквата на државата Македонија еден од најскапоцените духовни и цивилизациски скапоцени камења од својата патријаршиска митра – имено, оној на Охридската Архиепископија, рекол тој.
Додал дека Вселенската патријаршија го исползувала еклитонот како свое канонско право, па така „Неговото Блаженство Архиепископот Охридски г. Стефан и Охридската Архиепископија сега се наоѓаат во заедница со сите православни цркви“.
-Сјајна и исклучителна е историјата на Охридската Архиепископија. Да ги спомнеме само Светите Климент и Наум. Тие биле ученици на Светите Кирил и Методиј, коишто Константинопол ги испратил, за да го христијанизираат словенскиот свет. Светиот Теофилакт, Архиепископот Охридски, го напишал житието на Светите Климент и Наум, кои се погребани во Охрид. Доаѓајќи од Скопје, главниот град на Македонија, до вашата свештена бигорска Обител, на патот сретнав многу џамии. Во овој 21. век, ние луѓето сме повикани да живееме со љубов, спогодба, мир и меѓусебно почитување во однос на културниот идентитет и свеста на другиот, порачал г. Андреј Аркалохориски.
Додал дека „православното предание е заедничко за сите нас, без разлика на границите на државата и татковината во која живееме.
Митрополитот г. Андреј по неколкудневниот престој во Светата бигорска Обител, со неговата придружба, го посетиле манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица а имале можност да се поклонат на Светињите во Охрид, каде што, во седиштето на Дебарско-кичевската митрополија оствариле средба и со владиката, неговото високопреосвештенство митрополит г. Тимотеј.
фото: Бигорски манастир
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.