„Ние со хемофилтрација само лечевме, не правевме никакви ЕКСПЕРИМЕНТИ или клиничко испитување. Тоа е само уште една постапка, една можност повеќе, на некои најтешко болни пациенти да им се помогне. Но, како и многу други лекови и постапки во медицината, хемофилтрацијата не е магично стапче со кое ќе се решат сите проблеми на еден пациент, вели д-р Жан Митрев во интервјуто дадено за порталот МКД.мк на прашањето дали со хемофилтрацијата е правено паралелно клиничкото испитување?

Клиничко испитување е кога се воведува некој нов лек или средство во третманот на пациентите и тоа го врши и организира производителот на тој лек или средство. Се организира клиничко испитување од производителот, кој е должен да ја пријави таа студија во МАЛМЕД или други институции, а одредени болници или доктори ја спроведуваат по утврден протокол и со тоа резултатите се објавуваат во медицински списанија за тоа дали нешто подобро делува од нешто друго. Значи, и да сме сакале да правиме клиничка студија, не сме можеле, затоа што ние не го произведуваме сетот и филтерот за хемофилтрација. Од друга страна, тоа од производителот е одамна направено. Хемофилтрацијата уште од 1977 год. е дозволена и има ЦЕ марка. Ние како болница од 2008 континуирано ги купуваме овие филтри од овластен дистрибутер во Македонија, кој ги поминал сите законски процедури за регистрација и дозволи за користење на тоа средство во лекување на тешко болни пациенти, објаснува д-р Митрев.

До пред пандемијата, на одделот за интензивно лекување во 2019 година на Клиника Жан Митрев се направени скоро 200 хемофилтрации кај пациенти со тешки срцеви декомпензации, кои паралелно имале пореметена функција на бубрезите, дијабетичари со изразена склоност кон инфекции. Нивното успешно лекување и стабилизирање на здравствената состојба би било многу потешко без примена на методот на хемофилтрација.

Според д-р Митрев јавноста беше изманипулирана, користејќи го терминот клиничко испитување за нешто што веќе години наназад се користи и за истото има одобрение.

Хемофилтрација е многу суверена метода во лекувањето на најтешко болните пациенти, таа буквално во најголемиот број случаи му го спасува животот на пациентот, ако се вклучи на време и се направи како треба. Штета е на ваков начин да се дискредитира една медицинска постапка, вели д-р Митрев во интервјуто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.