Министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска Гордан Грлиќ Радман, на покана на неговиот колега, шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.

Како што соопшти МНР, двајцата министри ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следи пленарен состанок меѓу делегациите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска.

Предвидено е потпишување на Меморандум за разбирање меѓу двете министерства во областа на дипломатска обука, по што Османи и Грлиќ Радман ќе одржат заедничка прес-конференција.

Покрај средбите во Министерството за надворешни работи, вечер во Филхармонијата ќе се одржи свечен настан, со концерт на хрватска клапа и фолклорни ансамбли од Македонија, по што ќе се одржи и пригоден прием на кој заеднички ќе биде одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Хрватска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.