Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија, Микалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за Европската иднина на земјата и во таа смисла, изразувајќи уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ, соопштија од Министеството за надворешни работи.

Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцирал нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.

На средбата, како што велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија била акцентирана и важноста од што поскора интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а во тој контекст бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западен Балкан како значаен политички и финансиски влог на ЕУ во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.