Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на средба со претставнички на Здружението „Иницијатива за жени на Шуто Оризари“, разговарала за воспоставување поголема соработка на институциите, вклучително и Министерството за труд и социјална политика, со цел унапредување на правата на жените Ромки.

Како што соопшти МТСП, целта на Здружението „Иницијатива за жени на Шуто Оризари“ е да биде водечка женска ромска организација која ќе застапува, омоќнува и едуцира млади девојки и жени Ромки да остварат социјални, економски и здравствени права, без дискриминација, а истовремено да обезбедува и нуди информации, социјални услуги и правна помош.

На средбата беше иницирано потпишување меморандум во делот на проект кој го воспоставува Здружението со поддршка на UNFPA Канцеларијата во Скопје за поддршка на жени жртви на родово базирано насилство и зајакнување на капацитетите на институциите како и подигање на свеста за истото прашање. Тренчевска ги поттикна претставничките во рамки на проектот да се зајакнат себеси и да чекорат кон патот на лиценцирање на нивното здружение како даватели на услуги, наведува во соопштението на МТСП.

Тренчевска потенцирала дека таа лично работи на концептот „Едно општество за сите“ од 1997 година и дека лиценцирањето здружение чии претставници се од ромската заедница ќе ги доближи повеќе услугите до жената Ромка. На таков начин, смета таа, ќе се зацврсти довербата на жените од сите малцински групи во давателите на услуги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.