Горан Минчев, министерот за јавна администрација во интервју за Радио Слободна Европа вели дека балансерот останува на сила но тоа не значи дека нема да има расправа за негово укинување. Тој притоа посочува на злоупотреба каде Македонци се пишувале како Албанци и обратно се со цел вработување во јавната администрација.

„Јас и досега кажав дека во минатото Балансерот бил предмет на злоупотеба, односно имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи Балансерот практично веќе ја губи својата намена за што е создаден. Во овој момент се применува законското решение. Се додека нема друго законско решение на сила останува примената на Балансерот“, изјави Минчев.

Во месец јуни, Минчев, но и министерот за дигитална трансформација Андоновски, најавија укинување на Балансерот. Oва секако предизвика реакции, пред се во албанскиот политички блок, како од опозициската Европски фронт, така и од владиниот партнер ВРЕДИ. Сепак, ако на почетокот од ВРЕДИ велеа дека Балансерот нема да биде укинат, последните реакции беа дека се договориле, тој да биде заменет со Закон за еднаква и соодветна застапеност.

„Ние се договоривме, прво треба да го донесеме Законот за еднаква и соодветна застапеност и после тоа ќе се укине балансерот. Нема потреба за балансерот кога има закон. Сите луѓе кои одат на работа, никој нема да биде отпуштен, ви гарантирам. А тие кои не одат на работа, да. Ќе има систематизирање на вработените во институциите таму каде има потреба“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.