Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, тврди дека правосудниот испит на синот на Талат Џафери, Барлет, кој го положил пред да заврши факултет, може да се поништи врз основа на членот 124 од Законот за општа управна постапка.
Ова, вели тој, е можно затоа што полагањето правосуден испит кај нас е управна постапка, која се поведува со поднесување барање на кандидатот до Министерството за правда и која завршува со издавање Уверение за положен правосуден испит како управен акт издаден од министерот за правда.
„Решението на овој правен и политички скандал со Б. Џафери лежи во примената на членот 124 од Законот за општата управна постапка, каде што е утврдено дека за ништовен се огласува управниот акт кој со своето извршување би можел да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност. Во конкретниов случај, Уверението за положен правосуден испит издадено на Б. Џафери е управен акт“, вели Милошоски.
Со оглед дека случајот го обелодени Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Милошоски, повикувајќи се на членот 125 од истиот закон, вели дека ова тело е должно да го извести Министерството за правда за своите сознанија.
„Во членот 125 став 3 од Законот за општата управна постапка е утврдено дека органот (во случајов Антикорупциска) кој ќе дознае за управен акт со кој е повреден законот, а повредата може да биде причина за поништување на управниот акт, должен е без одлагање за тоа да го извести јавниот орган надлежен за поведување постапка и за донесување на управниот акт. Согласно чл.125, Антикорупциската комисија е должна да го извести Министерството за правда дека дошла до сознанија за ништовен управен акт издаден од ова министерство“, вели пратеникот.
Синот на Џафери по полагањето на правосудниот испит се запиша на Академијата за судии и јавни обвинители што е услов доколку некој сака да стане судија или обвинител. Генерацијата во која беше Барлет Џафери ја заврши Академијата и пред четири дена беше објавена конечната ранг-листа на слушателите кои го положиле завршиот испит и сега може да бидат примени на идните огласи за судии и јавни обвинители. Покрај синот на Џафери кој е кандидат за обвинител, Академијата ја завршија и синови, ќерки, снаи и сопруги на други функционери и правораздаватели меѓу кои: снаата на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, сопругата на шефот на ОЈО ГОКК Ислам Абази, синовите на обвинителката Елизабета Јосифовска и на судијата Енвер Беџети.
Вчера, на претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, рече дека комисијата нема механизам со кој ќе може да испита како блиски роднини на функционери, судии и обвинители ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.
„Од наш аспект, како Антикорупциска комисија останува како превентива да се внимава на распределбата на овие обвинители и судии, во кои судови и обвинителства ќе се распределат, да не бидат во близина на свои блиски лица, со цел колку-толку да се намали влијанието“, рече Ивановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.