Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара во Собранието да се отвори расправа за случувањата во Судскиот совет кои и натаму ја брануваат јавноста по контроверзното разрешување на претседателката на Советот Весна Дамева и правните нејаснотии кои произлегоа потоа.
Ваквата иницијатива ја соопшти пратеникот на опозициската партија во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, посочувајќи дека Законодавниот дом има надлежности врз дел од членовите на Судскиот совет бидејќи дел од нив, односно петмина се избираат на предлог на Парламентот.
„Прво Парламентот има надлежности врз дел од Судскиот Совет затоа што Парламентот бира дел од членовите на Судскиот Совет. И за секој функционер кој што е избран од Собранието и има некаква надлежност, Собранието има право и обврска да побара отчет од нив“, рече Милошоски.
Според пратеникот актуелната ситуација со Судскиот совет е најниското ниво на развој на правосудните малверзации, за кои ја обвини Владата.
„Сакаме во Собранието да се разговара за Републичкиот Судски Совет бидејќи ова е најниското ниво на развојот на правосудните би рекол малверзации кои што актуелната Влада ги прави“, вели пратеникот.
Тој смета дека оваа иституција е деградирана од власта по сите основи. Според пратеникот во моментов Судскиот совет нема никаков авторитет ниту да наградува, ниту да санкционира судии или судови.
„Затоа сметаме дека треба целосно ресетирање на Републичкиот Судски Совет“, рече Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.