Власта се плаши и бега од предвремени парламентарни избори иако тие треба да се случат час поскоро, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Охрид потенцирајќи дека тоа на некултурен начин се одбива од ова вештачко парламентарно мнозинство, односно оваа влада на ДУИ администрирана од Ковачевски, а поддржана од помалите коалициони партнери на СДСМ.

Мицкоски потенцира дека доколку се плаши власта од техничка влада и ако е тоа пречка, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да поднесе измени во Изборниот законик да нема техничка влада и да останат моменталните министри, односно нека остане оваа влада каква што е до моментот на предвремени избори.

– Подготвени сме да доставиме и измени во изборниот законик во кои што ќе нема техничка влада, односно да нема 100 дена губење време на граѓаните на Македонија, и ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена, ако е тоа пречката па се исплашени од предвремени парламентарни избори нека им остане министерот за внатрешни работи, нека им остане новиот министер за труд и социјална политика, нема да има заменици во земјоделие, финансии, и администрација и информатичко општество, рече Мицкоски.

Мицкоски упати и порака до помалите партнери кои му помагаат на Ковачевски во оваа влада, ако се за една изборна единица, дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара и по тоа прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.