Има голем интерес за нови членови, ги охрабрувам да дојдат во канцелариите на ЗНАМ, вели Никола Мемов, портпаролот на Движењето ЗНАМ.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека во последниот период има значителен интерес за пристапување на нови членови во ЗНАМ, кои се разочарани од раководството на СДСМ, речиси во сите градови во Македонија. Во оваа пригода ги охрабруваме граѓаните по слободна волја да пристапат во канцелариите на Движењето ЗНАМ“, рече Мемов.

Зголемен интерес за членство во ЗНАМ сопартијците на Максим Димитриевски забележале веднаш по изборите на 8 мај, кога јавно рекоа дека вратите се отворени за сите заинтересирани.

Портпаролот Мемов најави дека до крајот на годината ќе се утврди процедурата за дооформување на новите општински организации за што било дискутирано на последната седница на Централниот одбори. За заменик-министри од ЗНАМ едногласно се избрани Мирослав Лабидовиќ и Радослав Настасијевиќ-Варџиски.

Од СДСМ пак возвраќаат:

ЗНАМ живее во сопствена илузија дека е голем политички фактор, а всушност има само епизодна улога на колаборант за носење на Мицкоски и ДПМНЕ на власт. Дрско манипулираа со асномската идеологија за евтиното ветување дека Максим Димитриевски ќе добие уште еден градоначалнички мандат во Куманово. Не разбираат дека се целосно невидливи. Нивните министри уште немаат добиено ниту дозвола да зборуваат во јавност за нивните ресори. Нивните обиди за создавање раздор во СДСМ е криење на реалноста. Се повеќе нивни луѓе доаѓаат во матичната партија да изразуваат искрено каење што дозволиле да бидат изманипулирани за лични интереси на малкумина околу Максим.
Затоа, им порачуваме да бидат внимателни во пораките за да не си ги затвораат вратите на кои брзо ќе сакаат да тропнат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.