Пред пописот на населението и домаќинствата во Албанија, што почнува утре, Македонско друштво „Илинден”-Тирана ги повика сите Македонците во Република Албанија „да се изјаснат она што се Македонци и да го зачуваат својот македонски идендитет”.
Од утре до 30 октомври, тимовите на ИНСТАТ ќе тропнат на вашата врата за собирање податоци за пописот на населението и домаќинствата. Не потпаѓајте под никакви влијанија, нека не ве заплашува никој и ништо. Главата горе и изјаснете се она што сме – Македонци, порачува друштвото.
Одговорете на сите прашања, стои понатаму, меѓу нив и за етничката и религиска припадност и јазик иако за овие три прашања во формуларот одговорот не е задолжителен.
Посочуваат дека се дава можност да проверат дали дадениот одговор е правилно внесен во таблетот од страна на попишувачите.
Нè има насекаде низ Албанија. Главно сме концентрирани во областите Мала Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади нè има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Кукс, Фиер и во други градови. Со векови сме опстоиле и покрај сите голготи, ќе ја преживееме и оваа агресивна бугарска асимилаторска кампања, вели за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Осудувајќи ја „бугарската асимилаторска кампања”, порачува дека е убеден оти Македонците ќе се изјаснат она што се и никако поинаку.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.