Не стивнуваат реакциите од македонските друштва по донацијата на фондацијата „Бугарска меморија“ за Општина Пустец, која се состоеше од модуларна амбуланта за селото Глобочани, клупи за седење за селските населби, како и копир апарати и печатачи за општинската администрација.

Заеднички именител на острите реакции е дека тоа не е со „добронамерна цел, туку продолжување на бугарскaтa агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Република Албанија“.

По друштвото Преспа и партијата Македонска алијанса за европска интеграција денеска остро реагираше и Македонско друштво „Илинден“ – Тирана.

Ваквата наша реакција се темели на антимакедонската пропаганда за оваа наводна фондација која непречено ја шири својата пропаганда во регионите каде што живеат Македонците во Република Албанија. За жал, покрај бугарскиот амбасадор воТирана, Ивајло Киров и Софика Мале претставник на фондацијата „Бугарска меморија“ за Албанија, присуствувал и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, кој според фотографиите е видно расположен, стои во реакцијата.

Според друштвото, Колефски му врачил специјално изработена плакета на „негаторот на македонската нација, Милен Врабевски, претседател на фондацијата“.

Управата на Општина Пустец во последниот и актуелниот мандат беше и останува сервилна кон бугарската пропаганда, пречекувајќи ги бугарските претставници кои со материјална помош за Општината Пустец, во областа Мала Преспа, се обидуваат да го одродат македонското население и да го прикажат како Бугари во Република Албанија, стои понатаму во реакцијата.

Во соопштението се додава дека очигледно, само на градоначалникот Колефски „не му е јасна оваа антимакедонска мисија на бугарските фондации, а не подобрувањето на благосостојбата на жителите“.

Како Македонци и заштитници на македонскиот национален идентитет во Албанија, Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство, бара друштвото.

Оттаму наведуваат дека е недозволиво Македонците во Република Албанија да бидат изложени на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви.

Сите донации што се наменети за подобрување на животот на Македонците се добредојдени, но никогаш нема да прифатиме тие да бидат користени за промовирање на лажни наративи. Време е албанската Влада да го зајакне своето присуство и инвестиции во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Република Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени и гарантирани. Свесни сме и за тоа дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија, посочува друштвото.

Во реакцијата се потенцира дека Македонците во Република Албанија, не сакаат да поверуваат дека ваквите притисоци врз нив од страна на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров ќе поминат без реакција од страна на албанската власт.

Ваквите антимакедонски атакувања врз нас како Македонци треба да бидат наш последен крик кон институциите за заштита на македонското малцинство во Албанија. Воедно, очекуваме реакција и од меѓународната заедница кон својата членка, Бугарија, поради нарушување на нашето основно човеково право да се декларираме како Македонци, стои во реакцијата на друштвото потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.