Денеска во Брисел се одржува објаснувачкиот состанок за Поглавје 19, „Вработување и социјална политика“, на кој вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, истакна дека социјалната политика која ја води Владата е во насока на постигнување на целите на „социјалната и солидарната ЕУ“ политика.

-Остануваме посветени на создавање еднакви можности за сите, на забраната на дискриминација по која било основа и на зајакнување на социјалниот дијалог. Правична распределба е основна појдовна точка за социјалната политика на Македонија и ЕУ, рече Маричиќ.

Вицепремиерот во своето обраќање посочи дека во областа на вработување и социјална политика, Македонија континуирано се усогласува со релевантното законодавство на ЕУ и во институционалните капацитети, што е потврдено во последниот годишен Извештај.

-Ги зголемивме бенефициите за социјална помош и продолживме со спроведувањето на мерките за ублажување за справување со социо-економското влијание на пандемијата COVID-19, истакна Маричиќ.

Во однос на подобрување на политиките за недискриминација на локално и национално ниво, како и подобрување на механизмите за заштита и собирање статистички податоци донесена е нова стратегија за родова еднаквост, Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година, која ја издвои Маричиќ како една активност од постигнувањата во оваа област.

Препознавајќи ја важноста од одржување на високи и соодветни стандарди во областа на здравјето и безбедноста при работа, Маричиќ пред Европската комисија кажа дека Македонија подготви нова Стратегија за безбедност и здравје при работа 2021-2025 и придружен Акционен план 2021-2023, во кои е земена предвид Стратешката рамка на ЕУ за безбедност и здравје при работа 2021-2027 година.

Преговорите со ЕУ ќе придонесат кон подобрување на системот за социјална заштита, зголемување на образовното ниво на работната сила, постигнување на висока стапка на вработеност, забрана за дискриминација при вработување.

Денес се одржаа два објаснувачки скрининг состаноци од Кластерот 3, за Поглавје 26 „Образование и култура“ и Поглавје 19, „Вработување и социјална политика“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.