Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ беше домаќин на средбата со заменик министерот за надворешни работи, за економска дипломатија и отвореност на Република Грција, Костас Фрагојанис.

Вицепремиерот Маричиќ и заменик министерот Фрагојанис на почетокот на средбата изразија задоволство од динамиката на релациите помеѓу Македонија и Грција во рамки на Договорот од Преспа и зајакнатата билатерална соработка. Од грчка страна беше потврдена силната поддршка за забрзување на евроинтегративниот процес како од политички, така и од аспект на обезбедување експертска и техничка поддршка на тимовите во земјава кои ќе работат на поглавјата со цел отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата.

Ме радува тоа што денес Република Грција е силен лобист за европската перспектива на Македонија и наш пријател и партнер во исполнување на оваа наша стратешка цел за заокружување на долгогодишниот пристапен процес, со отпочнување на преговори за членство во ЕУ,“ истакна вицепремиерот Маричиќ.

Резултатот од Договорот од Преспа ги постигна своите цели и  освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство, и ја разви билатералната соработката која отвори нови можности за двете земји.

На средбата од наша страна беше изразена подготвеност за повторно активирање на соработката во рамките на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ, потпишан во април 2019 година. Маричиќ и Фрагојанис ги разгледаа можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји од аспект на поддршка на реформскиот процес, како и проширување на економската соработка во рамките на Меморандумот за формирање на управен комитет за економска соработка согласно Договорот од Преспа, чија процедура за ратификација беше финализирана во јули 2021 година.

Добрососедските односи резултираа и со зајакнување на прекуграничната соработка и ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката во областите важни за граѓаните на двете држави, преку реализација на проектите финансирани од Програмата за прекугранична соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.