Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со експертот Владимир Дробњак, поранешен хрватски преговарач, денеска одржаа два координативни состаноци со министрите задолжени за кластерите и Работната комисија за евроинтеграции со државните секретари на институциите.

– Искуството и знаењето кое го има поранешниот хрватски преговарач Дробњак ќе биде од корист и ќе ни помогне полесно да ги надминеме предизвиците со кои ќе се соочиме во текот на преговорите, рече на состанокот вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ.

– За секоја земја добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ е голем политички предизвик, но вистинската работа и задачите започнува по отворањето на преговорите, рече Владимир Дробњак, додавајќи дека тоа е невозможно е да се процени колку ќе трае преговарачкиот процес за Македонија.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека започнуваме сложен процес на промени, во кој ќе ни е потребна сериозна посветеност за исполнување на целта, истакнувајќи дека експертизата на Дробњак несомнено ќе придонесе во овој клучен момент, кога се подготвуваме за најважната и најтешка фаза од евроинтеграцискиот процес, а тоа се преговорите.

Дробњак пред македонските министри и државни секретари низ дискусија ги посочи предизвиците со кои Македонија може да се соочи, земајќи ги предвид искуствата на Хрватска во овој дел.

Преговорите се отворени и мора да го трчате овој маратон одговорно, рече Дробњак додавајќи дека имаме предности во однос на другите земји компаративно и дека Македонија може да смета на поддршката од Хрватска и понатаму во целокупниот процес.

Вицепремиерот Маричиќ и Дробњак се согласија дека влегуваме во нова димензија на евроинтеграциите и дека ова ќе биде комплексен процес, во кој мора да бидеме активни и да работиме на реформите.

Искуството на Хрватска во процесот на пристапување, новата методологија и преговарачка рамка и процедурите за преговори, Дробњак ќе го претстави и пред раководната структура на Секретаријатот за европски прашања.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.