„Војната во Украина го отвори и прашањето за иднината на Европа, но и на Западен Балкан кој е мета на надворешни влијанија и пропаганди. Затоа не можеме и не смееме да дозволиме да го изгубиме фокусот на европската перспектива на државите од Западен Балкан. Интеграцијата на регионот во ЕУ, заедно со земјите од Источното партнерство, Украина и Молдавија, до 2030 година не е само наша цел и интерес, тоа е геостратешко прашање од огромно значење за регионалниот и европскиот мир, стабилност и безбедност“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на конференција за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан, во организација на македонското Собрание и Парламентарното собрание на Советот ма Европа.

 

Во таа насока Маричиќ додаде дека „ова е клучот да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ кај граѓаните, не само за евроинтеграцијата како процес, бидејќи нашето пристапување во ЕУ соборува рекорди во споредба со претходните рунди на проширување“.

„И после 20 години од Самитот во Солун, на кој беше потврдена и ветена европската перспектива на регионот, денес не сме таму каде што сакавме и требаше да бидеме. И тоа денеска дава резултати од анкети кои покажуваат сè поголем број евроскептицисти на Западен Балкан, што покажува губење на довербата кај граѓаните во европскиот мировен проект“, укажа Маричиќ.

 

Вицепремиерот потенцираше дека од големо значење е што ЕУ сега не ја ветува само реторички ЕУ перспективата на Западен Балкан, туку нуди конкретен план за забрзана интеграција, со кој го прави реално и опипливо членството во ЕУ до 2030 година.

„Сите планови и документи од нашите европски партнери пристапувањето на Македонија во ЕУ, како и за останатите држави од регионот се многу важни за побрзо надминување на сегашните предизвици со кои се соочуваме и ефикасно спроведување на реформите за целосна европеизација на нашите општества“, рече вицепремиерот.

 

Маричиќ објасни дека Македонија напредува во процесот на преговори со ЕУ според предвиденото темпо и дека интензивно се работи на стратешките документи со клучните приоритети, кои треба да го забрзаат реформскиот процес во клучните области од Кластерот „Фундаментални вредности“, за кој како што порача вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ, „треба да направиме напори да го отвориме за време на шпанското претседавање со ЕУ“.

 

Во своето обраќање тој ја потенцираше континуираната и интензивна соработка меѓу Советот на Европа и ЕУ за кој како што рече не само што ќе ја забрза европската перспектива на Западен Балкан туку и ќе ја подобри одржливоста на реформите и ќе обезбеди активно вклучување на парламентот како основа за демократскиот напредок, спроведувањето на европската реформска агенда и што е најважно меѓупартискиот дијалог.

„Со усвојувањето на Резолуцијата 2456 (2022) за „Поддршка на европската перспектива за Западен Балкан“, на известителот Јоргос Папандреу, Парламентарното собрание на Советот на Европа му дава дополнителен импулс на процесот на проширување на ЕУ“, додаде Маричиќ.

 

На регионалната конференција за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан покрај воведните обраќања се одржаа и три работни сесии посветени на геополитичкиот предизвик, меѓународната соработка и јавното мислење.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.